Одобрена визната либерализација за Косово

Европскиот парламент (ЕП) денеска ја усвои одлуката за визна либерализација за Косово, со која завршија сите релевантни процедури за донесување одлуки, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Во согласност со одлуката, граѓаните на Косово од 1 јануари 2024 година ќе можат слободно да патуваат во земјите од Шенген зоната.

„Не добив никаков предлог за отфрлање на ставот на Советот (на министрите на ЕУ) и никаков амандман. Затоа, ставот на Советот беше одобрен и предложениот акт беше одобрен“, рече претседателката на ЕП Роберта Мецола.

По гласањето во ЕП, утре ќе се одржи церемонија на потпишување на правниот акт, на која ќе учествуваат претставници на ЕП и Советот на министри на ЕУ – две институции кои го одобруваат укинувањето на визниот режим за една земја.

Со објавувањето во Службениот весник на Европската Унија (ЕУ) кое следи 20-тина дена подоцна, стапува на сила одлуката за визна либерализација.

Сепак, граѓаните на Косово треба да го чекаат почетокот на следната година за да уживаат во безвизниот режим со европските земји.