Европејците од денес во Обединетото Кралство ќе можат да влезат само со пасош

Од денес, личната карта повеќе нема да важи за влез во Обединетото Кралство, со што во иднина од граѓаните во Европската Унија и Швајцарија ќе се бара да ги покажат своите пасоши, а ваквиот тек на настаните доаѓа по Брегзит, пренесува „Н1“.

Британското министерство за внатрешни работи посочува дека оваа промена ќе им овозможи на „организираните криминални банди и други лица да бидат спречени да го злоупотребуваат системот“, бидејќи личните карти, како што велат, се „незаштитен“ документ.

Податоците на министерството покажуваат дека 48 отсто од фалсификуваните документи откриени на британската граница во 2020 година се европски и швајцарски лични карти. Овие документи е полесно да се фалсификуваат отколку пасошите, посочуваат од министерството и додаваат дека некои „немаат биометриски податоци“.

Оваа мерка беше најавена пред една година, а е дел од новиот широк имиграциски план што го означува најавеното заострување во рамките на Брегзит.