Европратениците се за алтернатива на научното истражување врз животни

Иновативни решенија постојат и промените мора да се забрзаат, бидејќи живите суштества не смеат да страдаат, се согласија пратениците од Европскиот парламент (ЕП), дискутирајќи за алтернативни научни истражувања кои не вклучуваат животни, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Европската Унија (ЕУ) пред скоро три децении се обврза на промена и намалување на бројот на животни кои се користат во научни цели, но промените се одвиваат многу бавно.

Со оглед на европскиот зелен план, здравствените и еколошките предизвици и зголемената загриженост на јавноста за употребата на животни во експериментите, важно е ЕУ да го забрза преминот од застарен модел во модерна наука, велат европратениците.

На пленарната сесија, тие разговараа за плановите и мерките за забрзување на транзицијата кон инвоации без употреба на животни при истражување, регулаторно тестирање и едукација, за кои ќе се гласа во септември.

Застапниците за правата на животните предупредуваат дека животните не можат да опишат како се чувствуваат и дека голем број лекови одобрен и за човечка употреба врз основа на тестирање врз животни требало одамна да бидат повлечени од пазарот поради несакани ефекти кои не биле откриени кај животни.

Во март 2009 година, ЕУ забрани пласирање на пазарот на козметички произовди кои содржат состојки тестирани врз животни.