Европратениците побараа абортусот да биде основно европско право

Европскиот Парламент побара правото на „безбеден и легален абортус“ да биде вметнат во Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија.

Од институцијата додаваат дека одбивање на оваа процедура треба да се смета како форма на насилство против жените и девојките.

„Правата на жените не можат да се одземат или да се разводнат“, стои во нивното соопштение, пренесе Еуроњуз.

Необврзувачката резолуција, која беше усвоена со 324 гласа „за“ и 155 „против“ е симболичен гест на поддршка кон милионите жени во САД кои ќе го загубат пристапот до абортус по одлуката на Врховниот суд со кој беше укинат правниот преседан „Ро против Вејд“, со што беше укинато полувековното национално право на абортус.

Неколку американски сојузни држави веќе донесоа одлуки за целосна забрана или строго ограничување до оваа медицинска процедура.

Текстот на резолуцијата започнува со осуда на одлуката на американскиот Врховен суд, која според Европскиот парламент предизвикала политички превирања и ја продлабочила поларизацијата во општеството, а истовремено го вклучил и алармот за глобалното уназадување на сексуалните и репродуктивни права.

Европратениците прстот го вперуваат кон некои земји членки на ЕУ кои изминативе години поставија значајни бариери во пристапот до абортус, како Полска, Словачка, Унгарија и Хрватска. Тие исто така, како случај кој загрижува, ја посочуваат и Малта, каде абортусот е целосно забранет.

Во резолуцијата европратениците сметаат дека забраните и рестрикциите на абортусот непропорционално повеќе влијаат на жените во сиромаштија, жените кои не се од белата раса, мигрантите со нерегулиран престој и ЛГБТИК луѓето, додавајќи дека легалните пречки всушност не помагаат во намалување на бројот на прекини на бременоста, туку само ги принудуваат луѓето да патуваат на долги дестинации за извршување на процедурата, или се принудуваат на небезбеден абортус.

Со резолуцијата истовремено се бара од Европската Комисија и земјите членки на ЕУ да го зголемат финансирањето за одбрана на женските права низ светот и ова прашање да го има како политички приоритет во надворешните односи на ЕУ.