Илјадници луѓе на протести за право на абортус низ Средна и Јужна Америка

Илјадници жени протестираа во неколку градови во Латинска Америка по повод Меѓународниот ден на безбеден абортус, во регионот каде абортусот е дозволен само во неколку земји, пренесува „Индекс“.

Во Мексико Сити, жените маршираа до историскиот центар на градот, под будното око на полицијата опремена со штитови и заштитни шлемови. Властите подигнаа заштитна ограда околу некои клучни згради и споменици што беа вандализирани за време на демонстрациите во минатото.

„Сè уште не знам дали сакам да бидам мајка, но сакам да имам право сама да ја донесам таа одлука“, пишуваше на еден од транспарентите.

Претходно овој месец, Врховниот суд на Мексико ја прогласи криминализацијата на абортусот како неуставна, а кратко потоа владата најави дека ќе ги ослободи од затвор сите жени обвинети за прекинување на бременоста.

Стотици жени маршираа во други делови на Мексико, вклучувајќи ги градовите Куернавака и Веракрус.

Секоја година, илјадници жени ширум Латинска Америка умираат поради абортуси извршени во несигурни услови, додека во исто време растат бројките на бремени тинејџерки и стапките на сексуално насилство.

Во Колумбија пак, каде абортусот е дозволен само во случај на силување, опасност по животот на мајката или малформација на фетусот, осумстотини жени маршираа кон центарот на Богота.

Марш се одржа и во Чиле, каде Долниот дом на Конгресот се согласи да расправа за предлог-закон за декриминализација на абортусот до 14-тата недела од бременоста.

Во Ел Салвадор, демонстрантите вееја зелени знамиња во поворката низ Сан Салвадор на пат кон Конгресот, барајќи попуштање на законот за абортус, кој е меѓу најстрогите во светот.

Предлозите претставени од салвадорскиот конгрес беа наречени „Реформа на Беатрис“, во чест на млада жена која во 2013 година јавно побара право да абортира за да си го спаси животот, бидејќи боледуваше од хронична болест, а која почина четири години подоцна.