Од белетристика до стрипови – мал новогодишен саем на книга во МКЦ

Од денеска до 28 декември во горното фоаје во Младинскиот културен центар ќе се одржува 10. Мал новогодишен саем на книга во организација на издавачката куќа „Темплум“.

На саемот ќе се претстават издавачките куќи: „Темплум“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Готен“, „Чудна шума“, „Блесок“, „Артконект“ и „Бункер“.

На саемот, ќе може да се најдат од домашни до светски автори; од белетристика до стрипови; од детска книжевност до теорија. Саемските денови ќе бидат исполнети со богата придружна програма. Ќе бидат одржани дванаесет промоции на книги, три проекции на филмови и ликовна изложба, соопшти организаторот.

Саемот ќе биде отворен вечер од 19 часот со изложба „Фантомима“ и промоција на книгите „Куќа на Марс“ и „Ботичелиев каталог“ од Будимка Поповска-Буде. Последниот ден од саемот, 28 декември, ќе биде посветен на литературата за деца и ќе биде одржана креативна работилница за деца.

Во рамки на саемот ќе биде доделена и наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ на издавачката куќа „Темплум“.