Обвинителство отвори предмет по објавеното интервју на Лазаров со Латас

По објавеното интервју на влогерот и инфлуенсер Стефан Лазаров со Драган Павловиќ – Латас, за кое се објавија бројни реакции во јавноста, обвинителството отворило предмет за интервјуто. Во проблематичното интервју, гостинот раскажува дека како 15-годишник тој и неколку другари злоставувале и силувале девојка која била претепана, додека водителот Лазаров се смее.

СДК.мк известува дека Секторот за компјутерски криминал од МВР доставил известување до Скопското обвинителство по интервјуто

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски на поставено прашање од СДК.мк вели дека предметот е распореден кај обвинител.

За интервјуто своја реакција објавија и од Хелсиншкиот комитет, во која велат дека интервјуто е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство.

„Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство“, се вели во реакцијата од Хелсиншкиот комитет.

„За двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, се вели во реакцијата.

Стефан Лазаров е македонски влогер со над 75.000 следбеници на платформата Јутјуб. По лавината реакции за интервјуто објавено на неговиот Јутјуб канал, Лазаров објави и своја реакција на Фејсбук, во која дематираше дека се зборело за силување, но набрзо ја избриша.