„Обоен тестамент“ – комеморациски настан за Денот за сеќавање на Холокаустот врз Ромите во Чифте амам

Предавање за историски факти, драмски монолози и сликање во живо се дел од програмата на настанот „Обоен тестамент“ со кој ќе се одбележи Денот за сеќавање на Холокаустот врз Ромите.

Настанот, кој е организиран од  Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико, ќе се одржи 11 август, петок, во Чифте амам.

Со почеток во 19 и 30 часот, од Ромалитико посочуваат дека настанот е со фокус на страдањата на ромската заедница за време на Втората светска војна во земјава, притоа прикажувајќи ја и родовата перспектива на настаните.

„’Обоен тестамент’ има за цел да покаже почит кон споменот на животите на Ромите изгубени за време на Втората светска војна и нивните страдања. Настанот дава можност да се размислува за трагичните настани од минатото и да се нагласи важноста од зачувување на правата и достоинството на сите заедници во сегашноста и иднината“, велат од Ромалитико.