КСП Центар – Јадро отвора конкурс за изработка на мурал на својата фасада

КСП Центар – Јадро објави конкурс за изработка на мурал на фасадата на центарот кој треба да биде реализиран во периодот септември-октомври 2021 година.

Оттаму велат дека со овој отворен конкурс се продолжува иницијативата за изработка на темпорални мурали кои ќе бидат изработувани на фасадата на центарот преку кои ќе се промовира уметноста во јавен простор, а менувањето на изгледот на фасадата ќе го истакне и промовира отворениот модел на институцијата како простор во којшто постои плуралност на идеи и изрази.

„КСП ЦЕНТАР – ЈАДРО е прв пример на модел на јавно-цивилно партнерство во земјава преку кој сакаме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и поврзување. Дел од целите на соосновачот, Асоцијацијата Јадро, за формирање на установата од областа на културата КСП Центар-Јадро и нејзиниот простор кој е достапен и отворен за независната културна сцена се учество на заедницата, децентрализација, отвореност за нови социо – културни процеси, взаемна поддршка и солидарност“, забележуваат од Јадро.

Идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат основните начела/цели врз којшто се темели КСП Центар – Јадро.

„На конкурсот право на учество имаат сите уметници кои се државјани или резиденти во Р С. Македонија. Уметниците можат да се пријават индивидуално или како групи/колективи. КСП Центар – Јадро обезбедува средства за материјали за изработка на муралот како и авторски хонорар во износ од 25.000 ден. Димензиите на ѕидот се 14х3,5 метри а во прилог ви доставуваме технички цртеж и фотографија од фасадата. Планиран период за изработка на муралот е во периодот помеѓу 15 септември до 15 октомври“, истакнуваат од Јадро.

За изборот ќе одлучува жири-комисија составена од истакнати професионалци од областа на културата.

„Авторот/ите треба да приложат скици за муралот, краток опис за концептот како и кратка биографија во PDF документ со максимална големина 10 MB на мејл адресата centar.jadro@gmail.com, најдоцна до 15 септември 2021 со назнака Конкурс за изработка на мурал и податоци за авторот/ите (име, презиме, телефонски број)“, велат оттаму.