Објавен повикот за „Најдобар млад научник“ за 2016 година

Објавен е јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2016 година, признание што седма година по ред го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Јавниот повик е отворен до 31 декември, а на него може да аплицираат млади до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати.

Услов за конкурирање е да имаат добиено награда и/или признание за научно­истражувачка работа, да се објавени резултатите од научно­истражувачката работа и применливост на резултатите од научното истражување за тековната 2016 година.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2016 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија. Документите треба да се достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31 декември.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.