НСОН: Вработените во образованието немаат добиено плата за март

За вработените во секторот образование не е исплатена платата за месец март и покрај фактот што е поминат последниот законски рок од 10-ти во месецот кој е пропишан во колективните договори, реагираат од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН).

Според Синдикатот, непочитувањето на законите и колективните договори од надлежните станува зачестена појава во секторот образование која негативно влијае врз вработените.

„Како Независен синдикат за образование и наука најостро ја осудуваме негрижата на државните институции и погазувањето на работничките права кон просветните работници. НСОН активно работи на терен со цел формирање на организации во секоја општина и секоја образовна институција која во блиска иднина ќе ни овозможи на секое самоволие или непочитување на законите да одговориме со прекин на работниот процес како резултат на одбрана на нашите права и нашиот углед“, стои во реакцијата на НСОН.