Нови правила за работа на рестораните поради пандемијата

По најавите дека ќе се олабавуваат мерките наметнати поради ширењето на новиот коронавирус, Агенцијата за храна и ветеринарство подготви сет на препораки  за работата на угостителските објекти во услови на пандемијата.

Покрај спроведување  темелна дезинфекција на објектите и површините и опремата, пред започнувањето со работа, ќе мора да се изврши и  дезинсекција и дератизација во угостителските објекти. Угостителите треба да спроведуваат строги мерки за избегнување на евентуален пренос на инфекцијата меѓу вработените и гостите, пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опремата која доаѓа во контакт со храната и гостите, како и мерки за избегнување на пренос на инфекцијата при прием на храната и послужувањето на гостите.

Примарна останува примена на мерките за лична заштита како што се носењето на заштитна маска од страна на вработените, одржување хигиена на рацете, физичко дистанцирање од 1,5 – 2 метри меѓу самите вработени и со гостите, но пред се избегнување на допирање на очите, носот и устата. Задолжителна ќе биде дезинфекцијата на рацете и на гостите и на вработените кои тоа треба да го практикуваат почесто, односно во неколку наврати во текот на подготовката и послужувањето на храната. Покрај основната, за вработените треба да се обезбеди и дополнителна заштитна опрема, како што се штитови за лице, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми.

Во поглед на организирањето на примот на гостите, масата треба да биде максимум за 4 гости кои ќе бидат сместени на површина од 10 квадратни метри. Растојанието од задниот дел од столицата до задниот дел од столицата на соседната маса треба да изнесува најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1, 5 метар. Во помалите објекти, ќе се разгледува и можноста за шалтерско послужување.