„Номадленд“, „Круната“ и „Дамин Гамбит“ со главните награди од Златните глобуси

Филмовите „Номадленд“, вториот дел на „Борат“, како и сериите „Круната“ и „Дамин Гамбит“ се големите победници на синоќешното доделување на Златен глобус.

Главната награда за најдобар филм од жанрот драма припадна на „Номадленд“, во кој главната улога ја има Франсис Мек Дорманд, како бездомна жена која патува по американскиот запад.

Режисерката на филмот, Клои Зао, ја доби наградата за најдобар режисер, со што стана само втора жена победничка во оваа категорија во историјата на Златните глобуси, по Барбара Стрејсенд, која оваа награда ја доби во 1983 година.

„Ви благодарам на сите кои ми помогнавте да го работам тоа што го сакам. Се вљубив во правењето филмови и раскажувањето приказни бидејќи тоа ни дава прилика да се смееме и да плачеме заедно, да учиме едни од други и да имаме повеќе сочуство меѓу себе“, рече Зао.

Борат продолжение“, вториот дел од популарниот филм од 2006 година победи во категоријата за најдобар филм од жанровите комедија или мјузикл, додека главниот актер, Саша Барон Коен, победи во категоријата за најдобар актер во оваа категорија филмови.

За најдобри актери во драма-филмови беа прогласени Андра Деј и Чедвик Босмен, додека во категоријата мјузикл или комедија покрај Барон Коен, наградата за најдобра актерка ја доби Росамунд Пајк.

Од телевизиските награди, за најдобра серија од жанрот драма беше прогласена „Круната“, а главните актери во серијата, Ема Корин и Џош О Конор, кои ги играа Принцезата Дајана и Принцот Чарлс ги добија главните актерски награди во оваа категорија.

За најдобра мини-серија е прогласена „Дамин Гамбит“, а главната актерка во серијата, Ана Тејлор-Џој, исто така доби Златен глобус за најдобра актерка, а за најдобар актер беше прогласен Марк Рафало за улогата во „Знам дека олку е точно“ во категоријата мини-серии.

Водители на овогодишната манифестација, која често се гледа како предвесник на Оскарите, беа Тина Феј и Ејми Полер, а доделувањето на наградите оваа година поради пандемијата се вршеше преку интернет вклучувања на добитниците.

Целосната листа на наградените може да ја видите на следниов ЛИНК.