Нобеловата награда за медицина за научниците кои открија како клетките се прилагодуваат на кислородот

Истражувањата на Вилиам Кејлин Џуниор, Питер Ретклиф и Грег Семенца, за тоа како клетките го забележуваат и се прилагодуваат на кислородот, се наградени со Нобелова награда за медицина.

Тројцата научници успеале да ја идентификуваат молекуларната машинерија која ја регулира активноста на гените како одговор на разликите во нивоата на кислород.

Од Нобеловиот комитет соопштија дека иако долго време се знаело дека кислородот е клучен за одржување на животот, сепак, до откритието на добитниците на овогодишната награда, било мистерија како клетките се прилагодуваат кога нивоата на кислород се покачуваат или опаѓаат.

Според Комитетот, механизмот преку кој клетките се прилагодуваат е најважната причина зошто животните успеале да колонизираат толку многу различни животни средини, бидејќи успевале да се справат со живеење на различни височини.

Влијанието на нивното откритие е многу значајно во многу сфери на физиологијата – од бременост и висинските болести, до нови стратегии за борба против анемијата, канцерот и многу други болести.