Нобеловата награда за хемија за 3Д визуелизација на биомолекулите

Жак Дубоше, Јоаким Франк и Ричард Хендерсон се тројцата добитници на Нобеловата награда за хемија за 2017 година, за развивање на метод кој генерира 3Д слики од биомолекулите.

Техниката, наречена крио-електронска микроскопија, овозможува за прв пат биомолекулите да бидат визуелизирани во нивната природна конфигурација, поттикнувајќи „револуција во биохемијата“, соопштија од Нобеловиот комитет. Последната верзија на технологијата значи дека научниците можат „филмски“ да ги снимаат биохемиските процеси додека се одвиваат.

Добитниците на наградата Дубоше, Франк и Хендерсон

Претходните техники за визуелизирање, како рендген кристалографијата, бараше примероците да се анализираат во ригидна форма, што не откриваше премногу за динамиката на протеините и ензимите – повеќето од кои не можат успешно да се кристализираат во секоја околност. Друга микроскопска техника, електронскиот микроскоп, беше пригодна само за визуелизирање мртва материја, бидејќи моќниот зрак ги уништува деликатните биолошки структури.

Зборувајќи со новинарите по добивањето на наградата, Франк изјавил дека практичната корист од техниката е огромна и за медицината значи дека повеќе не мора да се фокусира на органи, туку може да погледне во процесите во клетките.

Крио-електронската микроскопија овозможи на научниците да ја истражат архитектурата на многу различни нешта – од протеините кои предизвикуваат отпорност на антибиотиците, до површината на вирусот Зика.

Во иднина, разбирањето на конфигурацијата и стабилноста на биомолекулите на многу ниски температури, може да го забрза напредокот во крио-биологијата, каде научниците се фокусирани на тоа како да витрифицираат човечко ткиво и органи, за да се овозможи да бидат сочувани на подолг период.

Вчера беше доделена Нобеловата награда за физика, за откритието на гравитационите бранови, додека наградата за медицина го доби проучувањето на биолошкиот часовник кај живите организими.