Нобеловата награда за медицина за проучување на внатрешниот биолошки часовник

Трио американски научници ја добија Нобеловата награда за медицина за 2017 година за „нивните откритија на молекуларните меганизми кои го контролираат циркадијален (биолошки) ритам“.

Професорите Џефри Ц. Хал, Мајкл Росбач и Мајкл В Јанг, според нобеловиот комитет, се наградени за објаснувањето „како растенијата, животните и луѓето го прилагодуваат нивниот биолошки ритам за тој да биде синхронизиран со земјината ротација“.

Нобеловците Џефри Ц. Хал, Мајкл Росбач и Мајкл В Јанг

Тимот идентификувал ген во овошни мушички кој го контролира нивниот дневен ритам. Генот создава протеин во клетката во текот на ноќта, кој потоа се разградува за време на денот.

Кога има несогласување помеѓу внатрешниот „часовник“ и надворешното окружување, тоа влијае на состојбата на организмот – како на пример, кај луѓето, кога доживуваат „џет-лег“ – психолошка состојба која се јавува при патување, најчесто со авион, низ повеќе часовни зони.

Зошто откритието е важно?

Откритието на тимот, на различни гени и протеини вклучени во внатрешниот часовник, овозможуваат да се објасни како функционираат само-регулациските меганизми и нивното прилагодување на различни услови, како и механизмот преку кој светлината може да се синхронизира со „часовникот“.

Сер Пол Нурс, директорот на Институтот Френсис Кирк, добитник на нобеловата награда во 2001 година, кој е добро запознат со ова научно поле на клеточни циклуси, за Гардијан објаснува дека се работи за основен физиолошки процес кој има огромна важност.

„Тоа е важно за основното разбирање на животот. Секое живо суштество на планетава реагира на сонцето. Сите однесувања на растенијата и животните се одредени од циклусот „светлина-темнина“. Ние на оваа планета сме робови на сонцето. Биолошкиот часовник е вграден во нашиот механизам на функционирање, нашиот метаболизам, вграден е насекаде. Претставува основна одлика за разбирање на животот.

„Има и втора причина. Стануваме се посвесни дека постојат импликации за болестите на човекот. Со модерната технологија, стануваме се помалку поврзани со биолошкиот ритам, бидејќи можеме да патуваме низ временските зони и да го пореметуваме нашиот циркадијален ритам. Сега можеме да живееме во светло-темни режими, кои немаат врска со циркадијалниот ритам. Тоа доведува до состојби како „џет-лег“, што прави нарушувања и може да води кон други последици за состојбата на луѓето, кои се уште целосно не ги разбираме. Постојат некои докази дека лечењето на болестите исто така може да биде подложно на биолошкиот ритам. Луѓето пријавиле дека „кога“ правите операција, или „кога“ земате одреден лек може навистина да влијае на ситуацијата. Се уште не е јасно, но скоро сигурно ќе има некои влијанија во лечењето на болести исто така“, вели Нурс.

 

Тројцата наградени се од САД. 72-годишниот Хал е пензиониран, но поголемиот дел од карирата го поминал на Универзитетот Брандес  во Валтам, Масачусец, каде се уште предавања држи другиот нобелов лауреат, 73-годишниот Росбач. 68-годишниот Јанг работи на Рокфелер Универзитетот во Њујорк.

Ова е 108-ми пат како се доделува новеловата награда. Победниците ќе ја поделат наградата од 9 милиони шведски круни (825 илјади долари), а секој од нив додава медал изгравиран со нивното име.