„NFT ART – револуција или полуција“ – Работилница во КСП Центар Јадро

КСП Центар Јадро организира дводневна работилница „NFT ART – револуција или полуција“, на која уметниците детално ќе се запознаат со новите текови во дигиталниот свет, како и со можностите што овој свет ги нуди за коегзистенција на уметноста и дигиталното.

Работилницата ќе биде склоп од предавања, дебати и практична работа на која учесниците/уметниците ќе се стекнат со основните знаења на темата. Фокусот ќе биде кон објаснување на начинот на кој функционира NFT преку практични примери, со покажување што се случува во позадина. Овој процес има за цел да ги мотивира учесниците да креираат сопствен профил како уметник во NFT светот.

Работилницата е наменета за 20 уметници и куратори (во зависност од бројот на пријави и интересот) од сите области, особено ликовната уметност.

Работилницата ќе се одржува на 20 и 21 јули во 19 часот во КСП Центар Јадро. Ментори ќе бидат Давор Илиев и Тања Ефремова.

Заинтересираните за учество на работилницата можат да се пријават на следниов ЛИНК.

NFT уметноста претставува новост во дигиталниот свет. NFT е уникатен дигитален идентификатор, со кој се докажува автентичност на дигитално уметничко дело. Ова отвора цел спектар на можности за уметниците и кураторите да ги пласираат своите дела, а претставува опасност што може да ја редефинира целата индустрија. Актуелноста на современите дигитални уметнички медиуми постојано расте од година во година и овој тренд не ја одминува нашата земја и уметниците кои творат тука.

Давор Илиев е роден во Дортмунд, Германија, а живее и работи во Скопје. Уште од мал пројавува интерес за пишување и аудио-визуелни уметности. Дипломирањето на отсекот за Информатика на Природно-математичкиот факултет му овозможува да започне професионално да се занимава со мултимедија дизајн на почеток, а потоа и UI/UX дизајн. Со 18 годишно работно искуство, работел на голем број разновидни проекти за домашни и за големи странски клиенти. Последните 2 години е посветен на NFT уметноста и WEB3 програмирањето.

Тања Ефремова (1980, Скопје) дипломирала на институтот за историја на уметност и археологија на Филозовскиот факултет во Скопје (2007). За време на студиите учествува на неколку проекти од областа на археологијата, а потоа нејзиниот интерес го привлекуваат дигиталните медиуми. Како резултат на тоа во 2005 година за првпат почнува да работи како веб дизајнер во софтверската копанија Babylon Software Solution, Скопје/London. Во оваа професија останува до денес стекнувајќи се со одлично искуство во сферата на современите медиуми.