Изложба на Зоран Попоски во Хонг Конг

Самостојна изложба на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски ќе се одржи во Галеријата ЦЦА во Хонг Конг, во периодот од 1 септември до 30 септември 2021 година.

На изложбата, Попоски ќе се претстави со дела од неговото најново уметничко творештво, составени од слики надградени со дигитални технологии како дигитална графика, Дополнета Реалност (AR/Augmented Reality) и НФТ уметност (NFT art). Покрај физичкото издание на изложбата, во текот на септември ќе биде достапно и виртуелно издание на изложбата преку Виртуелна Реалност (ВР).

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност. Автор е на првите македонски НФТ уметнички дела кои годинава беа изложени на водечкиот меѓународен саем за дигитална уметност и крипто колекции во Париз.