Првата СМС порака продадена за 107 илјади евра

Првата СМС порака во историјата, во која пишува „Среќен Божиќ“, беше продадена на аукција во Париз за 107.000 евра.

Продажбата беше направена од британската телекомуникациска компанија Водафон, преку таканаречен уникатен токен.

Пораката која била испратена на 3 декември 1992 година се состои од 15 карактери а ја испратил програмерот Нил Папворт до неговиот колега Ричард Џарвис.

Од Водафон соопштија дека средствата од продажбата ќе бидат донирани во УНХЦР.

Уникатните токени (НФТ) се вид на дигитален потпис со кој се потврдува во чија сопственост е одредена онлајн содржина, и дали таа е оригинална.

Создавањето на овие НФТ-а вообичаено се прави преку „блокчејн“ мрежата на Етериум. Во последниот период популарноста на НФТ-ата драстично порасна.

Во март, директорот на Твитер, Џек Дорси, го продаде на аукција првиот твит во историјата, додека на сличен начин Тим Бернерс Ли го продаде изворниот код на интернетот.