Кратенката „НФТ“ избрана за збор на годината според речникот „Колинс“

Освен уникатните дигитални токени „НФТ“, во потесниот избор за збор на годината биле и „пингдемија“, климатска анксиозност и метаверзум, пренесува „Гардијан“.

Во годината кога музичарката Грајмс продаде колекција од уникатни дигитални токени (НФТ) за скоро 6 милиони американски долари, а оригиналното мем „Девојчето од катастрофата“ се продаде за 473 илјади долари, речникот „Колинс“ го прогласи „НФТ“ за збор на годината.

Кратенката за уникатните дигитални токени забележа зголемена употреба минатата година, изјавиле од речникот.

Секоја дигитална креација може да стане НФТ, а терминот подразбира сертификат за сопственост, кој е регистриран на „блокчејн“.

Моментално, за најскапо НФТ се смета колажот на дигиталниот уметник Бипл, кој во март се продаде за 50 милиони фунти.

Според „Колинс“, НФТ се објаснети како уникатни дигитални сертификати, кои се регистрирани на „блокчејн“, а сертификатите се користат за да го документираат сопствеништвото на уметничкото дело.

Лексикографите во „Колинс“, следат 4.5 милијарди зборови кои се во корпусот на речникот за да изберат збор на годината. Тие изјавиле дека одлучиле за НФТ бидејќи укажува на уникатен спој на уметност, технологија и трговија, кој се проби низ пандемијата и стана сеприсутен.

„Кратенките не забележуваат толку силна употреба, но податоците кои ги имаме според корпусот, покажуваат дека НФТ е исклучок. Токените се насекаде, од уметничките сектори па сè до страниците за финансии, галериите, аукциските куќи и социјалните мрежи. Не знаеме дали НФТ ќе го задржи добиеното внимание, но присуството на зборот во сегашноста е важен показател дека е збор на годината“, изјавила директорката Алекс Бикрофт.

Минатиот месец, англискиот речник „Оксфорд“ го прогласи „вакс“ за збор на годината, бидејќи од септември, употребата на зборот се зголемила за 72 отсто.

НФТ ги победи останатите 10 технолошки термини како крипто, скратеница за криптовалута и метаверзум, терминот создаден од писателот Нил Стивенсон во 1992 година, во интерес на романот „Снежен судир“. Тој со него опишува тридимензионален виртуелен свет, онаков каков што најави Марк Закерберг, по што употребата на зборот се зголеми за 12 %.

Останатите зборови кои влегоа во потесен избор за збор на годината беа пингдемија, хибридно работење, двојно вакцинирање, но и климатска анксиозност.

Од „Колинс“ исто така забележале и пораст на употребата на зборот „неозаменка“, поради популарните дијалози за родот и репрезентацијата на транс и небинарните лица. Од речникот објаснуваат дека скоро создадената заменка има за цел да ги избегне родовите разлики.

Во 2020, „Колинс“ за збор на годината го избра „карантин“, а во 2019, за збор на годината беше избран „климатски штрајк“.