Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа работна недела, Радио МОФ во нова рубрика ви ги претставува ТОП 5 вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина и слично.

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение.

1. Пуздер правам од македонскиот јазик – наместо наука, одлуки за „мир во куќа“

Како дел од одбележувањето на Денот на македонскиот јазик – 5 мај и стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во просториите на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, беше промовирана веб-платформата www.makedonski.gov.mk – дигитална верзија на Толковниот речник на македонски јазик.

Но, веднаш по пуштањето во употреба на дигиталната верзија на Толковниот речник, стигнаа реакции од граѓански здруженија за тоа дека во речникот има навредливи термини кон ромската заедница, па од Владата истакнаа дека од дигиталната верзија на речникот ќе бидат повлечени навредливите термини.

2. Бојкотот на наставата во мирување по средбата на групата револтирани родители и МОН

Бојкотот на наставата засега ќе биде ставен во мирување, соопштија претставниците на Фејсбук иницијативата „Учебници и настава мора да има“ по средбата која ја имаа со претставници на Министерството за образование и наука (МОН). Од оваа иницијатива претходниов период повикаа на бојкот на наставата, а нивните барања беа во новиот Закон за дигитализација на учебниците, хартиените задолжнително да останат во употреба во основното и средното образование, но меѓу нивните барања се и исклучување на сеопфатното родово сензитивно образование во основното образование, како и понатамошно останување на Етика на регилигиите како изборен предмет.

3. Здрава храна или пари на сметка – Предлог измени на Законот за субвенциониран студентски оброк

Предлог измените на Законот за субвенциониран студентски оброк ги поделија ставовите меѓу младите пратеници и студентите.

Пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, која е дел од авторите на првичното законско решение, реагира дека државата не успеала досега да создаде систем за да ја спроведе идејата на Законот и дека со измените се отфрла нејзината суштина, а тоа е поттикнување на студентите да се хранат здраво. Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, пак, кој е иницијатор на измените, очекува Законот да биде применлив во услови на пандемија, а средствата месечно да „легнуваат“ на сметката на студентите и тие да одлучат како ќе ги потрошат, било во маркет или ресторан.

4. [Подкаст] Држава што не мотивира и не финансира култура, каде ја гледа својата иднина?

Пандемијата постави сериозни предизвици пред културните работници. Од почетокот на пандемијата, државата покажа ниско ниво на поддршка за промовирање на културата и не може да го одржи чекорот со земјите од светот.

Како се справуваат со ситуацијата на тој план, за креативноста и инспирацијата во услови на глобална пандемија, разговаравме со Игор Јосифов визуелен уметник кој живее и работи во Дубаи и Билјана Мартиновска писателка на делата „Точка на враќање” и „Куќата со жолта фасада“.

5. #ИнстаИлустрации – Анабела Тасевска

Во најновата објава од рубриката #ИнстаИлустрации ја имавме Анабела Тасевска, студентка на Факултетот за безбедност, на насоката Криминологија и криминална политика. Со почетокот на карантинските денови, соочена со досада и монотонија, открива дека цртањето е единствен „вентил“ за емоциите со коишто се соочува.