Кина казни 27 лица поради „трагично грди“ илустрации во учебник по математика

Кинеските власти казнија 27 лица поради издавање на учебник по математика кој станал популарен на социјалните мрежи поради „трагично грдите“ илустрации, пренесува „Гардијан“.

Истрагата од страна на работна група на тамошното министерство за образование, траела со месеци и било заклучено дека учебникот не е убав, а дел од илустрацииите биле грди и неточно ја претставувале убавината на кинеските деца.

Учебникот по математика бил издаден пред скоро 10 години и се користел во основните училишта ширум Кина. Но, учебникот станал популарен на социјалните мрежи во мај годинава, откако еден наставник објавил фотографии од учебникот на кои биле прикажани луѓе со „искривени фаци“ и „набрекнати панталони“, како и слики од „момчиња кои ги фаќаат девојчињата за здолништата“, како и дете со тетоважа на ногата.

Корисниците на друштвените мрежи биле воодушевени од непрофесионалноста на илустрациите, а голем дел од јавноста ги искритикувале илустрациите, бидејќи според нив, тие носат омаложување и културно уништување на Кина, шпекулирајќи дека илустрациите се намерни и дело на западни инфилтратори во образовниот сектор.

На кинеските социјални мрежи биле создадени бројни тагови за учебниците, кои биле прегледани милиони пати, посрамотувајќи ја Комунистичката партија на Кина, од каде што најавиле ревизија на учебниците за да се осигураат дека „сите учебници ја поттикнуваат правилната политичка насока и вредности“.

Во долго соопштение, образовните власти истакнале дека поради учебникот биле казнети 27 лица поради „занемарување на своите обврски и одговорности“. Казнети биле претседателот на издавачката куќа која го издала учебникот, одговорниот уредник и шефот на математичкиот оддел за уредување на учебници. Тие повеќе нема да работат на дизајнирање на учебници, а изречените казни го загрозиле нивното понатамошно работење во секторот.