Несторовска: Посебно законско решение за да се уреди обештетувањето на жртвите од трговија на луѓе

Република Македонија како земја која чека да се вклучи во Европската унија се наоѓа во  фаза  на усогласување на своето законодавство со европското и на сите правни норми, особено оние од сферата на заштита на човековите слободи и права. Ова го истакна националниот координатор за борба против трговија со луѓе и илегална миграција Магдалена Несторовска денеска во Скопје на отворањето на Меѓународниот семинар за добра пракса за етаблирање државна шема за надомест на жртвите на трговија со луѓе.

Според неа, посебен акцент треба да се стави на самата жртва на трговија со луѓе, а државните органи да сторат се што можат за таа да ги надмине последиците кои се предизвикани од тоа.

„Потребата за воспоставување фонд за обештетување на жртви во Македонија и покрај тоа што произлегува од потпишани и ратификувани документи, воедно се наметнува како неопходност која како држава сами сме ја увиделе, но и како неопходност која Националната комисија за борба против трговија со луѓе веќе подолг временски период ја констатира“, рече Несторовска.

Посочи дека е потребно е да се донесе посебно законско решение кое ќе го уреди обештетувањето на жртвите со тровија на луѓе.

„Во Македонија надоместокот како мерка од страна на жртвите на трговија со луѓе се уште не е доволно искористена. Кривичниот суд иако има пресуди за компензација, сепак жртвите на трговија со луѓе досега не добиле ниту материјален, ниту нематеријален надоместок“, додаде Несторовска.

Правото на надомест, како што додаде, освен што ја олеснува реинтеграцијата на жртвата има и превентивна функција заради фактот што спречува таа да се најде во ситуација на неизвесност и принуденост поради тешката економска ситуација и повторно да стане жртва на криминал.

Целта на семинарот, како што беше речено, е преку обезбедување заедничка дискусија на засегнатите страни, од власта и невладиниот секторот, да се презентираат моделите на државните шеми за отштета на жртвите на трговија со луѓе или оние кои специјално се востановени за нив, и да се проценат слабостите и позитивните страни на различните модели на државни шеми за отштета на жртвите на трговија со луѓе.

Учесниците на семинарот разменија искуства од различни професионални перспективи и направија анализи на модалитетите за востановување државна шема за отштета за жртвите на трговија со луѓе.

МИА