„Немиот келнер“: Политички ангажираната уметност зборува преку секојдневните човечки односи

Ова не е апсурд. Ова е реализам кој ја прикажува апсурдноста на нашето постоење. Сите сме ликови затворени во Пинтеровиот подрум, несвесни дека нашите животи не ни припаѓаат само нам. Веруваме дека самите ги носиме своите одлуки, цинично судиме за туѓата глупост, длабоко уверени дека ние сме поинакви. Но што кога ќе се скрши илузијата и ќе сфатиме дека целото ова време пред нас стоела чиста моќ? Бидејќи моќта е постојано тука некаде: во соседната соба, позади вратата, во ходникот. Дури и кога е непрепознатлива и скриена, законот на моќта секогаш дејствува.

Вака гласи описот за претставата „Немиот Келнер“, досега имаше три изведби во Младинскиот културен центар (МКЦ). Александар Ивановски, младиот режисер на кому ова му е прва поставена претстава надвор од Факултетот за драмски уметности (ФДУ), вели дека текстот на Харолд Пинтер е релевантен и денес, затоа што моќта, насилството и злоупотребата се универзални теми.

Ивановски посочува дека Пинтер во речиси секоја своја драма се бави со процесите и состојбите низ кои поминуваме додека сме обесправени, немоќни и понижени, дополнувајќи дека зборува и за предавството, за лојалноста и за искрените односи на микро ниво.

Според него, текстот на Пинтер е политички но не смее да стане памфлет, дополнувајќи дека вистински политички ангажирана уметност зборува преку наједноставни, непосредни, секојдневни човечки односи.

„Нема ништо посовремено од сознанието дека моќта те разоружува, дека некогаш си комплетно беспомошен, дека не е се возможно и дека не треба ,’само да посакаш’ за нешто да ти се оствари. Од некои ситуации едноставно нема излез. Па дури и да има, прашање е дали имаме способност да го согледаме. Стравот од авторитетот и моќта некогаш се парализирачки. Тоа мене ми се чини особено актуелно, а можам да го забележам речиси насекаде околу мене, дали во политиката, уметноста или секојдневието, сеедно“, вели режисерот.

Не мора моќта да е видлива, посочува Ивановски, дополнувајќи дека двата „неми келнери“ во претставата не знаат кој ги испраќа нарачките, барањата.

„Сепак, тоа е првото нешто што го прават – рефлексно исполнување на нарачките, па дури и кога храната што ја праќаат е последното нешто што им останало. Е таа немост мене ме плаши. И се прашувам може ли некако поинаку“, вели тој.

Тешко е да продолжиш да веруваш дека е возможно

Ивановски нагласува дека почнал да работи на текстот на почетокот на 2021 година, а поставувањето е целосно независно, односно и покрај одбивањето на проектот од страна на Министерството за култура – преставата била реализирана со сопствени средства.

„Без финансиска или било каква друга поддршка, не ти преостанува ништо друго освен да бидеш независен. Убавината во тоа е што на крајот на процесот не должиш никому ништо. Друга убавина во тоа нема. Има убавина во работењето претстава, без разлика дали е независна или не. А потешкотиите не треба да се мистифицираат и романтизираат. Условите едноставно не треба да бидат вакви. А чинот на создавање уметност е самиот по себе и убавина и страдање. Тоа е исцрпувачки процес, и емотивно и интелектуално“, посочува режисерот.

Но, додава Ивановски, процесот треба да биде неудобен онака како што се неудобни и промените, бидејќи тој самиот по себе е промена за сите оние што учествуваат во него.

„Преостанува само секој ден да се прашувам дали и оние кои што ја гледаат претставата се менуваат? Најсреќен сум во оние ретки моменти кога верувам дека тоа е така“, вели режисерот.

„Во текот на следната година се обидував да ја сместам претставата во адекватен простор и да се организирам продукциски. Од некаде бев одбиен, некаде просторот не беше адекватен, а ми беше многу важно да не направам компромис во однос на мојата идеја. На крајот се сместивме во МКЦ, каде што успеаа да ни дадат некој термин и покрај сите тогашни околности. Термините се поместуваа, но на крајот сум задоволен со тајмингот на премиерата. Инаку, пробите за претставата траеа два месеци“, вели тој.

На прашањето колку е тешко денес (младите) театарски работници независно да постават претстава, Ивановски истакнува дека прашањето само по себе имплицира дека да се направи независна претстава е тешко, но додава дека тој го знаел тоа уште пред да биде отпочнат процесот на поставување.

„Меѓутоа, работејќи на оваа претстава, сфатив дека тоа тешко граничи со невозможно. Не е тешкото во тоа да ја направиш, тешкото е во тоа да ја направиш по сопствена мерка. Ќе беше многу поедноставно да ја направев претставата во некој друг простор, без оваа сценографија, ама немаше да биде таа претстава. Тешко е да не направиш компромис. Тешко е да продолжиш да веруваш дека е возможно. Тешко е да немаш време да ја развиеш идејата“, вели тој.

Режисерот посочува дека ова е важно за секоја професија – да имав простор и време да ја практикуваш својата вештина.

„Не само театарџиите, туку и велосипедистите, пливачите, музичарите, тука сите импровизираме. Немаме простор каде да згрешиме, да се надградуваме, да напредуваме. И овие проблеми не може да продолжат да се решаваат индивидуално, со лични проблесоци и иницијативи. Во моментов сè се сведува на личен успех, а мора да стане колективен. Успесите треба да имаат континуитет. Приликите не треба да се нешто што им следува само на привилегираните“, вели Ивановски.

Тој вели дека изборот да се работи Пинтер, го довел до конкретната театарска екипа, а актерот Васко Костовски, кој го игра Гас, бил сврзно ткиво на тие два процеса.

„Тој ми даде збирка од Пинтер на англиски во која се наоѓаше и THE DUMB WAITER, текст за кој уште одамна разговарав со мојот професор Златко Славенски. Откако одново го прочитав текстот бев сигурен дека ова е вистинското време да го поставам. Има некоја возбуда по читање на добар текст, која прераснува и во опсесија, особено ако текстот содржи ваква специфична мистериозност и нејаснотија“, вели Ивановски.

Екипата за претставата „Немиот келнер“ ја сочинуваат режисерот Ивановски, актерите Васко Костовски и Мартин Ѓоргорски, преведувачот на драмскиот текст, Марио Стојаноски, сценографот Ненад Тонкин и костимографката Елена Кузманов, продуцентот Батухан Ибрахим и мајсторот на светло, Андреј Неделковски.

„Со Васко и Мартин ова ни беше прва соработка, како и со Марио кој го преведе текстот. Со Ненад  веќе соработував за мојата дипломска претстава, и ми се потврди дека ако некој може да направи вистинско чудо, и во однос на сценографскиот концепт, а и за самата изведба на сценографијата, тоа е дефинитивно тој. Батухан и Елена ги поминуваа сите предизвици заедно со мене така што за тоа сум им бескрајно благодарен“, вели Ивановски.

Тој додава дека дури сега, по третата изведба на претставата почнува да му се кристализира и да станува јасно што за него значело поставувањето на оваа претстава.

„Најважно е што тоа не е поврзано со самото реализирање на идеата туку и со начинот на кој е реализирана. Така што вистинската причина зашто сум исполнет не е само затоа што е конечно готова претставата туку затоа што на крајот изгледа онака како што замислував дека треба да изгледа“, заклучува Ивановски.

Следната изведба на „Немиот келнер“ е најавена за во јуни.

Ивана Смилевска