Научниците докажаа јасна врска меѓу обесшумувањето и локалните врнежи од дожд

За првпат научниците докажаа јасна поврзаност меѓу обесшумувањето и регионалните врнежи на дожд. Тие се надеваат дека ова може да ги охрабри земјоделските компании и владите во регионите Амазон, басенот на Конго и Југоисточна Азија да инвестираат повеќе во заштита на дрвјата и другата вегетација.

Научната студија открива дека колку повеќе дождовни шуми се уништуваат во тропските земји, толку помалку локалните земјоделци можат да се надеваат на дожд за наводнување на нивните посеви и пасишта.

Истражувањето, објавено во списанието „Природа“ (Nature), ги поддржува стравувањата дека деградирањето на Амазон се приближува кон опасна точка по која дождовните шуми повеќе нема да можат да генерираат сопствен дожд и вегетацијата ќе пресуши.

Луѓето кои живеат во обесшумените подрачја долго време споделуваат свои искуства дека нивните средини стануваат посуви со намалување на површината покриена со дрвја. Научниците и претходно знаеја дека убивањето на дрвја ја намалува евапотранспирацијата и претпоставуваа дека тоа води кон помали локални врнежи на дожд.

Тим од Универзитетот во Лидс ова сега го докажа преку користење сателитски и метеоролошки податоци во периодот меѓу 2003 и 2017 година низ пантропски региони.

Дури и на мали површини тие откриле дека постои поврзаност помеѓу обесшумувањето и врнежите, но оваа корелација значително била поголема кога се разгледувале локации поголеми од 50 километри квадратни. На најголемите измерени површини од 200 километри квадратни, научниците откриле дека врнежите од дожд биле помали за 0,25% секој месец за секој 1% загубена шума.

Ова според научниците може да претставува опасен спирален процес, бидејќи намалувањето на дождот води кон дополнителна загуба на шуми, намалена отпорност на пожари и послабо пребивање на јаглеродот.

Професорот Доминик Спраклен, еден од авторите на студијата, вели дека 25 до 50 проценти од дождот кој паѓа во Амазон доаѓа од водата која ја рециклираат дрвјата. Иако оваа шума понекогаш се опишуваат како „белите дробови на светот“, таа повеќе функционира како срце, која пумпа вода низ регионот.

„Демонстрирањето на локалните придобивки од зачувувањето на тропските шуми за луѓето кои живеат во близина има значајни политички импликации. Се надевам дека нашата работа ќе биде силен поттик за политиките и носителите на одлуки во тропските држави да ги заштитат тропските шуми, да овозможат поладна и повлажна локална клима, со придобивки за околното земјоделство и луѓе“, вели Спарклен.

Авторите на студијата исто така ги разгледувале и идните ефекти од понатамошно обесшумување. За басенот Конго тие проценуваат дека врнежите од дожд ќе се намалат за 16 милиметри месечно до крајот на овој век базирано на проекциите за загуба на шума.