Запалените дрвја во Амазон го топат снегот на Хималаите, покажа ново истражување

Запалените дрвја во Амазонската прашума би можеле да придонесат за топење на глечерите што се на Хималаите и на Антарктикот поради нивната тесна поврзаност како далечни екосистеми, покажа ново истражување.

Всушност, студијата наведува дека далечните екосистеми се поповрзани одошто се мислеше досега.

Научниците открија нов атмосферски пат кој потекнува од Амазон, поминува низ течението на Јужниот Атлантик преку Источна Африка и Средниот Исток и стигнува до централниот дел на Азија. Патот се протега на 20.000 километри низ светот што значи дека кога Амазон се затоплува, се затоплува и Тибетската висорамнина, додека колку повеќе врне во прашумата толку помалку врне во Тибетскиот регион.

Студијата е меѓу првите што ја истражува интеракцијата меѓу екосистемите изложена на ризикот да достигне пресвртна трансформација на климата од која нема враќање назад. Уште поважно, новооткриениот пат укажува дека колапсот на еден екосистем може да предизвика дестабилизација и на другите екосистеми што може да доведе до каскада од низа пресвртни настани низ планетата.

„Пресвртните каскади се ризик што треба да се сфати сериозно. Меѓусебно поврзаните пресвртни елементи на екосистемите може да се активираат еден со друг што може да доведе до потенцијално опасни последици“, изјавил истражувачот и ко-автор на извештајот, Ханс Јоаким Шелнхубер.

Научниците само што започнаа со истражување на поврзаноста меѓу далечните компоненти на климатскиот систем на планетата Земја. Ова знаење е суштинско за да се разбере целосното влијание на глобалното затоплување што го предизвикуваат емисиите на стакленички гасови, а кое веќе предизвикува подигнување на нивото на водата што води до поплави, суша и шумски пожари на сите континенти.

Уништувањето на дрвјата во најголемата прашума на светот која е дом на четвртина од копнените видови, минатата година го достигна своето најбрзо темпо во последните 15 години. Југоисточниот дел од прашумата што игра значајна улога во апсорпцијата на јаглеродниот диоксид од атмосферата стана нето извор на јаглеродни мисии за време на сушната сезона.

Последниот извештај од Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатските промени забележа зголемена веројатност дека Амазонската прашума ќе ја премине пресвртната точка. Прашањето сега што би можело тоа да значи за Хималаите каде веќе е регистрирано неочекувано топење на глечерите.