Наставничкиот пленум покрена петиција за укинување на екстерното тестирање

Наставничкиот пленум преку платформата за онлајн петиции Change.org започна петиција, со која се бара укинување на екстерното тестирање.

„Никогаш не е спроведена анализа за резултатите од екстерното тестирање. Учениците, наставниците и родителите сметаат дека тоа е дополнителен стрес за сите нив без никакви резултати во подобрување на образовниот процес“, пишува во описот на петицијата, која досега има околу 150 потписници.

За укинување на екстерното тестирање македонските средношколци маршираа, протестираа и кампуваа пред Министерството за образование и наука во 2015 година. Од МОН реагираа дека тестирањето нема да биде укинато, но ќе се извршат реформи во кои ќе учестуваат и учениците, родителите и наставниците. Сепак, во 2016 повторно беа забележани проблеми со прашањата и начинот на тестирање. Наставничкиот пленум цело тоа време ја поддржуваше иницијативата на средношколците.

Петицијата се појави неколку дена откако друга петиција на партијата Левица бараше од Град Скопје и Општина Центар да се откажат од новогодишната прослава, а парите наменети за  тоа да бидат донирани на социјално загрозените граѓани. Потребниот број потписи беше достигнат и Скопје, Велес и Битола ги откажаа прославите, а Општина Центар најави дека прославата ќе биде од хуманитарен карактер.