Онлајн петиција на Левица: Парите наменети за новогодишна прослава да се насочат за социјално загрозени семејства

Партијата Левица креираше онлајн петиција со која се бара пренасочување на средствата од новогодишните прослави за помош на социјално загрозените семејства и деца на кои им е потребно лекување. Секој што се согласува со оваа идеја може да ја потпише петицијата и со тоа да придонесе во менување на вообичаената практика за Нова година.

„Безмилосно да се трошат народните пари за организација на новогодишни настани, продолжува. Градот Скопје предвидено е да потроши вкупно 5 милиони денари, а згора на тоа и од општина Центар најавуваат организација на новогодишна прослава, така што на неколку метри раздалеченост, во центарот на градот, ќе има две прослави. Неверојатна некоординираност и ирационалност.

За Левица е неприфатливо да имаме така неодговорно трошење на народните пари во услови кога 460.000 луѓе се под прагот на сиромаштија, а 180 000 луѓе се во апсолутна сиромаштија. Ние предлагаме средствата да се насочат за помош на социјално – загрозените граѓани, а да има само симболично одбележување на Нова Година“, велат од Левица.

Во повеќе српски градови веќе има ваква иницијатива. Жителите на Нови Сад одлучија да ги донираат средствата од прославата, слично размислуваат и луѓето во Суботица, а над 20 000 граѓани во Белград веќе ја потпишале петицијата.

Градови во Србија се откажуваат од новогодишната прослава за да ги донираат парите на болни деца

„Ете уште еден можен начин за рационално користење на народните пари, земајќи во предвид дека пред извесно време беа скратени средствата  за лекување на болните од ретки болести“, велат од Левица.

И СДСМ ја поддржуваат оваа идеја. Нивниот советник во Град Скопје, Драги Давчевски, денеска закажа средба со градоначалникот Коце Трајановски со цел да се откаже прославата за Нова Година на плоштадот.