НАкС и СОНК: Со следниот колективен договор сакаме да опфатиме покачување и на платите на ненаставниот кадар

Последната мајска плата на вработените во високото образование била зголемена за 17,7%, а во изминатите три години наставниот кадар во високообразовните институции добил вкупно покачување од 40%. Овие податоци денес ги соопштија Независниот академски синдикат (НАкС) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) како ефекти од имплементираниот колективен договор постигнат со Министерството за образование и наука (МОН) пред три години.

Резултатите, нагласија синдикалците, се однесуваат на професорскиот кадар што значи дека досегашниот договор имаше свои недостатоци. За следниот договор на кој се работи во моментов и за кој се очекуваат преговори со МОН, тие сакаат да се опфати покачување на платите на сите вработени, односно и за ненаставниот кадар.

„За жал, имаме работни места коишто не се вклопија во ова зголемување, а тоа е од едноставна причина што спаѓаат во групата на зголемување на плати врз основа на порастот на минималната плата. Сепак и кај нив имаше зголемување на мартовската плата за 12,55%. Ни останува сите оние недостатоци кои ги утврдивме при реализација на колективниот договор во однос на работните места кои се непостоечки во колективниот договор, а практично ги има на терен да се искоординираат“, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Колективниот договор заврши на 4 мај годинава и тој е базиран на формулата 54% отсто од просечната плата да се помножи со сложен коефициент и да се добие платата на вработениот.

„Последното покачување е по основ предвидено за секоја година. После секоја година за основица од којашто ќе се пресметува коефициентот е земена просечна плата од претходната година. Значи и секоја година тоа ќе ни биде основа дека секогаш ќе имаме зголемување на плата“, рече Тошо Арсов, претседателот на Синдикалната организација на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Тој објасни дека пред потпишувањето на колективниот договор кој важеше до 4 мај, додатокот на плата што го добиваа вработените го исплаќал работодавачот, односно институцијата од сопствени средства.

„Со овој колективен договор е предвидено и се почитува овој додаток на плата да биде исплатен од основниот буџет на министерството. Дополнително уште еден член кој беше предвиден, а кој повеќето од институциите го користат е функционалните додатоци коишто ги добиваат деканите, продеканите, директорите на институтите, помошниците директори и раководителите на одредени институти. Овие средства предвидени е да ги добиваат преку две бруто плати на ниво на институција кои се префрлаат директно, а понатаму се распределуваат внатре во институцијата“, рече Арсов.

Со него се согласи и претседателката на НАкС, Елена Џукеска, која рече дека од имплементацијата на колективниот договор заклучиле дека најдобро е да има едно системско решение кое ќе може да важи за сите јавни високообразовни установи и научни установи наспроти парцијалните решенија кои може да се склучат на ниво на работодавач.

„Ни претстои напорна работа да го имплементираме вториот дел од нашето првично барање со кое настапивме пред две години, а тоа е да платите имаат распон со коефициент 1 наспрема 5 за редовни професори. Сега сме некаде на половина од тоа“, изјави Џукеска.

Фото: Радио МОФ

Таа додаде дека предноста на колективниот договор е што одредбите од него важат и кога тој завршува, односно се применуваат се додека не се потпише нов.

На пресот се обрати и Виктор Стефов, претседавач на советот на НАкс. Тој рече дека платите во високото образование и наука кај нас се сè уште најниски во регионот, но дека се оди кон тоа да се зголемат.

„Би сакал да се надоврзам дека во едно од интервјуата досегашната прорекотрка за финансии на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, а идна ректорка, го нарече овој колективен договор катастрофа. Би сакал да нагласам дека ќе биде најголемо понижување на УКИМ ако не се оствари најавеното покачување на платите од 1 јануари 2023 година за 25%“, дециден беше Стефов.

Синдикалците одговарајќи на новинарско прашање кажаа дека се против линеарното покачување на платите во јавниот сектор што дојде како предлог од Министерството за финансии.

Колективниот договор за вработените во високото образование е прв од ваков тип од осамостојувањето на Македонија. Претходно постоеше договор на ниво на работодавач, што според синдикалците неправедно ги третира вработените според работната позиција и не дозволува пораст на нивните плати на начин како колективниот.

Ангела Бошкоска