Над илјада загинати лица во поплавите во Пакистан

Пакистанските власт соопштија дека жртвите од поплавите надминале над 1000 лица, додавајќи дека смртоносната монсунска сезона е сериозна климатска катастрофа, пренесува „Гардијан“.

Поплавите предизвикани од силни дождови уништија села и земјоделски насади, а војниците и спасувачите деноноќно работат на евакуација на жителите и нивно сместување во шелтери со храна.

Според пакистанското Национално тело за справување со кризи, бројката на загинати лица е 1.033, а 199 од нив биле регистрирани во последните 24 часа. Оттаму додале дека овогодишните поплави се споредуваат со оние во 2010, кога во Пакистан над 2000 жители ги загубиле своите животи, а петтина од територијата на земјата била поплавена.

Шери Реман, пакистанска сенаторка и министерка за животна средина, во своја видео објава на Твитер, изјавила дека Пакистан се соочува со сериозна климатска катастрофа – една од најголемите во последната декада.

„Државата се наоѓа на фронтот на климатска криза, се соочуваме со топлотни бранови, шумски пожари, поплави, а сега и со најлошата монсунска сезона во деценијата, која ја опустоши земјата“, истакнала Реман.

Овогодишната монсунска сезона влијаела врз повеќе од 33 милиони луѓе, односно секој седми жител. Скоро 300.000 домови биле уништени, бројни патишта се непроодни, а голем број на реони немаат пристап до електрична енергија.

Поплавите ја погодија државата во едно од најлошите времиња за Пакистан, кога економијата е во слободен пад, а поранешниот премиер Имран Кан беше сменет од позицијата по изгласување на парламентарна недоверба.

Властите во Пакистан велат дека државата неправедно ги сносува последиците од неодговорните практики кон животната средина насекаде во светот. Земјата е осма на глобалниот индекс за климатска итност, кој ги регистрира земјите кои се најпогодени од климатските промени.

Корупцијата, непланското градење и заобиколувањето на локалните регулации, на мета става илјадници објекти изградени во реоните на сезонските поплави.