Пакистанка осудена на смрт поради „богохулни“ пораки на „WhatsApp“

Суд во Пакистан осуди жена на смрт поради „богохулни“ пораки испратени на „WhatsApp“ и Фејсбук, пренесува „Гардијан“.

Аника Атег, 26, е обвинета и осудена на смртна казна откако против неа била поднесена пријава дека ги прекршува драконските пакистански закони за сајберкриминал и богохулие.

Според обвинението, Атег преку онлајн игра се запознала со друг Пакистанец и тие продолжиле да разговараат преку „WhatsApp“. Тој ја обвинил за испраќање на „богохулни“ карикатури од светци, за религиозно коментирање на „WhatsApp“ и Фејсбук и за споделување на содржините на разни профили.

Атег е сега обвинета за „детално и намерно понижување на свети личности и навредување на религиозните верувања на Муслиманите“.

Атег, која се изјаснила дека е муслиманка, ги одбила сите обвиненија. За време на судењето Атег во својата одбрана истакнала дека нејзиниот соговорник намерно отворил религиозна дискусија за да собира докази и да се одмазди откако таа ја одбила неговата романтична понуда.

Судот одлучил дека Атег е виновна, по што пресудил дваесетгодишна затворска казна и бесење.

Пакистанските судења за богохулие се многу опасни, а осудените најчесто се убиени пред судењата да завршат. Судиите се исплашени да ги ослободат осудените поради јавна одмазда, па најчесто под притисок донесуваат казнени одлуки.

Државата скоро побара од Фејсбук и Твитер да им помогнат при идентификацијата на граѓаните кои наводно објавуваат богохулни содржини. Актот за Превенција од електронски криминал беше усвоен во 2016 година, со што властите добија поголема контрола врз содржината на социјалните мрежи.