Слободата на изразување и безбедноста на новинарите пред Судот во Стразбур – нова публикација од ЗНМ

По повод 10-ти декември, Светскиот ден на човекови права, изработена е нова анализа со наслов „Слободата на изразување и безбедноста на новинарите пред Судот во Стразбур – Анализа на пресудите на Европскиот суд за човекови права во македонските предмети по членот 10 од Европската конвенција за човекови права“ чии автори се Велимир Деловски и  Костадин Богданов, рецензент e Беса Арифи, а уредник е Драган Секуловски.

Здружението на новинари на Македонија ЗНМ) велат дека авторите го анализираат и ставот на ЕСЧП во однос на заштитата, не само на содржината на информациите, туку и на средствата за пренесување на информациите, како и на правото на јавноста да прима информации и идеи од јавно значење.

„Во анализата посебен акцент е ставен на заштитата на правото на информирање преку преку заштита на новинарите и новинарската професија, како и преку заштита на правото на граѓаните да бидат соодветно информирани за важни теми. Според праксата на ЕСЧП ова право не ги штити само новинарите, туку се однесува и на писателите, академските истражувачи, уметниците, колумнистите, блогерите и корисниците на социјалните мрежи, кои влијаат врз креирањето на јавното мислење“, посочуваат од Здружението.

Кои предмети се разработени?

  • Првиот е предметот со Селмани во 2017 и други против ПЈРМ (2017), кој е воедно и првиот предмет во кој Судот констатирал повреда на членот 10 на ЕСЧП во нашата држава
  • Вториот предмет се однесува на пресудата на ЕСЧП во предметот Макрадули против ПЈРМ (2018), за кривично гонење за клевета на пратеник и потпретседател на политичка партија
  • Третиот предмет е предметот Гелевски против Северна Македонија (2020), во која се признава придонесот на колумнистите како креатори на јавното мислење кон тековната политичка дебата по прашање од јавен интерес.
  • Четвртиот предмет е предметот Костова и Апостолов, ЕСЧП наоѓа повреда на членот 10 во поглед на граѓанската постапка за клевета што се водела против апликантите, главната и одговорна уредничка на неделникот „Фокус“, Јадранка Костова, и Владо Апостолов, новинар во тој неделник.

„Заклучоците и препораките се дека слободата на изразување може да биде постоечка и активна, само преку креирање амбиент, како законодавен, така и институционален, за фактичка примена на стразбуршките стандарди во македонскиот медиумски и правосуден контекст. Донесувањето на одлуките во врска со претходно споменатите предмети претставува добар пример за позитивна пракса на носење одлуки во корист на новинарите, односно во случаи кога се прекршени нивните права, тренд што треба да продолжи и во иднина“, забележуваат од ЗНМ.

Оттаму дополнуваат дека заштитата што им ја дава членот 10 на новинарите во однос на информациите за прашањата од општ интерес подлежи на услов новинарите да постапуваат со добра волја и врз точна фактичка основа, односно да обезбедат информации во согласност со новинарската етика.