Националниот младински совет на Македонија стана полноправна членка на Европскиот младински форум

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) стана полноправна членка на Европскиот младински форум (ЕМФ), по гласањето на Генералното собрание на Форумот кое се одржа од 26-ти до 28-ми април во Брисел.

ЕМФ е платформа составена од национални младински совети и меѓународни младински организации од цела Европа и брои 104 организации членки. Формиран во 1995 година, Европскиот младински форум е најголемото и највлијателното претставничко тело на младите во Европа кое активно учествува во креирањето на младинските политики, заедно со носителите на одлуки на европско ниво.

„Како дел од Европскиот младински форум, Националниот младински совет на Македонија, им овозможува на младите во Македонија да бидат дел од десетиците милиони млади европски државјани кои се обединети за да ги застапуваат своите заеднички младински интереси и на тој начин да го дадат својот придонес во подобрување на квалитетот на живот, не само за младите, ами и за сите европејци.“  вели Блажен Малески, претседател на НМСМ, во насока на новите можности кои ги носи полноправното членство.

Со изгласувањето на НМСМ, од организација кандидат за членство, кон полноправна членка, од организацијата велат дека и официјално биле препознаени трудот и истрајноста во намерата за позиционирањето на НМСМ  на национално и меѓународно ниво.

Од НМСМ посочуваат дека полноправното членството во Европскиот младински форум доаѓа по 2 годишно активно работење, неуморно следење на појавите, трендовите и политиките на европско и регионално ниво, постојан придонес кон европските и регионалните работни тела, како и проценка на организациските капацитети.

„Националниот младински совет на Македонија активно работеше кон исполнување на условите за членство во Европскиот младински форум, учеше и се надградуваше, ги зајакнуваше своите капацитети но и отвори и отпочна неколку значајни политички процеси за млади кои треба да значат подобрување на националните политики и третманот на младите луѓе во Макеоднија.“ – рече Илија Станковски, потпретседател на Националниот младински совет на Македонија