Мурал од Александар Џамбазов отсега ќе краси ѕид во Дебар Маало

Од вчера муралот на доајенот на македонската современа музика Александар Џамбазов го краси ѕидот на улицата „Орце Николов“ во скопско Дебар Маало.

Муралот на познатиот композитор и диригент го насликаа уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најавува настан со учество на познати македонски уметници и членовите на хорот “Златно славејче” на 25 јануари наредната година, кога ќе се одбележи двегодишнината од неговата смрт.

„Навистина е задоволство да се има муралот на доајенот Александар Џамбазов кој со својот неверојатен творечки опус остави неповторлив белег во својата професија и нашата историја. Тој беше автор на детски песни, иницијатор за формирање на фестивалот „Златко Славејче“, пишувач на сценска и филмска музика, македонски диригент и композитор и великан на современата македонска музика. Настанот на 25 јануари ќе претставува своевидно потсетување на музичкиот опус на основачот на детскиот фестивал и доајен Александар Џамбазов“, вели Герасимовски.

Фото: Општина Центар

Како дел од активностите на Општина Центар, минатата година, за 70-от роденден на Горан Стефановски, беше направен негов мурал на фасадата на Основното училиште „Коле Неделковски“, а летово на Културниот центар „Јадро“ и Основното училиште „Димитар Миладинов“ насликани беа графити инспирирани од 60-годишнината од земјотресот во Скопје.