На 206-тата Владина седница беше усвоен Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, согласно деветтиот пакет на антикризни мерки.
Од Владата и Министерството за труд и социјална политика (МТСП) посочуваат дека законот е испратен до Собранието, каде треба да се усвои по скратена постапка, со што илсплатата треба да започне од овој месец.
„Целта на Предлогот на закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, за справување со енергетската и ценовната криза е обезбедување финансиска поддршка за социјално ранливите категории на граѓани“, велат од МТСП.
Корисници на финансиската поддршка којашто се обезбедува согласно Предлогот на закон, се лица од социјално ранлива категорија на граѓани – корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари и студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Од МТСП исктакнуваат дека финансиската поддршка за корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост и самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош – е предвидено да изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од месец декември 2023 година.
Финансиската поддршка за корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, за период од пет месеци, е предвидено да започне исто така од месец декември 2023 година и да изнесува:
– 3.000 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина не поголема од 14.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка;
– 2.000 денари месечно корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 14.001 денари до 16.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка и
-1.500 денари месечно за корисници на пензија кои оствариле доход по основ на пензија на месечно ниво во висина од 16.001 денари до 19.000 денари во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка.
„Исплатата на финансиската поддршка за: корисници на посебен додаток; корисници на правото на надоместок заради попреченост; самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари е предвидено да се изврши без поднесување на барање од страна на корисниците, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, за остварено право во претходниот месец од месецот во којшто се врши исплатата на финансиската поддршка“, посочуваат од МТСП.
Датумот на исплата на финансиската поддршка е предвидено да се објави на веб-страницата на Генералнот секретаријат на Владата, МТСП, Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Министерството за образование и наука, најдоцна до 5-ти во месецот за тековниот месец.