МОН: Косово ќе го користи искуството на Северна Македонија во реформирање на образовниот систем

Министерството за образование и наука на Република Косово ќе ги користи искуствата на Северна Македонија од имплементацијата на реформските процеси во образовниот систем, како и воведувањето на дигитализацијата во образованието, соопштија денеска од Министерството за образование и наука (МОН).

Тие велат дека меѓусебната соработка, размена на искуства и поддршка во процесите за унапредување на образованието била  договорена на денешниот состанок во Скопје, помеѓу претставници од МОН и ресорното министерство на Косово.

„Претставниците од двете министерства, на состанокот ги разгледаа можностите за соработка во повеќе сегменти на образованието, а посебно беа заинтересирани за искуствата и начинот на кој се имплементира дигитализацијата во образованието. На состанокот беше истакнато дека соработката и добрососедските односи се на највисоко ниво, но и дека Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија е подготвено својот капацитет да го стави во техничка и стручна помош и поддршка на колегите од Косово во насока на подобрување, осовременување и создавање на поквалитетно образование“, велат од МОН.

Дополнително, оттаму додаваат дека Северна Македонија и Косово се соседи кои покажуваат интерес за меѓусебна поддршка и за обезбедување на повеќе и подобри образовни и научни можности за граѓаните.

Оттука, тие објаснуваат дека тоа претставува добра основа за напредок и на нашите општества и воопшто на регионот, затоа што, како што додаваат, во суштина иднината на регионот најмногу зависи од меѓусебната соработка.