Младите преку нова активност ќе се обучуваат со вештини за пазарот на трудот

УСАИД започнува со нова активност за млади во земјава, за која велат дека ќе им се овозможи на младите луѓе пристап до иновативни програми за обука, пракса и кариерно советување, опремувајќи ги со соодветни вештини за пазарот на трудот.

Според Небојша Мојсовски, раководител на активноста, моментално, многу домашни компании се соочуваат со предизвици во привлекувањето квалификувани млади, додека младите не можат да најдат работа што ги исполнува нивните очекувања.

„Ќе работиме заедно со компаниите и институциите за да им помогнеме на младите да најдат привлечни можности за вработување во растечките индустрии, а исто така ќе им помогнеме на бизнисите да привлечат квалификувани млади, со што ќе останат конкурентни и ќе напредуваат“, истакнува Мојсовски.

Активноста ќе цели да обезбеди економски можности на младите, ќе ги зајакне нивните вештини за работа, напредок во кариерата и граѓанско учество, а ќе промовира и вредности и искуства кои ќе им помогнат да станат понезависни.

Според министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, активноста ќе помогне во намалувањето на невработеноста кај младите, за што дополнува дека е еден од стратешките приоритети на министерството.

„Отворени сме за соработка за проекти како овој поддржан од УСАИД за да им обезбедиме на младите можности да ги стекнат потребните вештини и искуство, да се вработат и да дадат значаен придонес за растот и развојот на нашата економија. Со зајакнување на младите и инвестирање во нивниот потенцијал, имаме за цел да создадеме попросперитетна иднина за сите“, истакна Тренчевска.

Во период од пет години, колку што е најавено траењето на активноста, се предвидува работа со 10.000 млади од земјава и поддржување партнерства со младински групи, бизниси, локална и централна власт.

„Ќе обезбедиме грантови преку кои ќе промовираме креативни настани предводени од младите, иновации, развој на специфични вештини за кариери и активно граѓанство, истражувачка работа, одговорност, етичност и интегритет“, велат организаторите.

Активноста ќе ја спроведува американската непрофитна организација „Унапредување на економиите за посилни заедници“ во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи и Младински образовен форум.