[Став] Воспитно поправните домови не се доволни

Пишува: Кристина Пеева

Криминалот како феномен е испреплетен во целата човекова историја. Корените на овој феномен датираат од склучувањето на општествениот договор, со кој се откажуваме од одреден дел од нашата слобода со цел да ја уживаме привилегијата да бидеме дел од општеството. Е сега, што се случува кога некои индивидуи одлучуваат да одат малку подалеку со својата слобода и го прекршуваат овој договор?

Како најчести причини за прекршување на општествениот договор и посегнување по криминални дејности според многу Социолошки наоди, се сиромаштијата, невработеноста, недоволна компетентност и нискиот степен на образование, влијанијата од семејството и пошироката околина итн. Во изолирани случаи и психолошката состојба. Што до одреден степен го прави криминалот и како реакција на статус квото. Но што кога прекршувањето на договорот е присутна кај индивидуи уште од раните детските години? Како малолетници тие уште пред „потпишувањето“ на договорот, го кршат?

Државите одлучуваат да го спроведуваат општествениот договорот со тоа што ги санкционираат тие што го постапуваат против него, независно дали полнолетни или малолетни лица. Употребата на санкции како парична казна, пробација, затворска казна, имаат за цел да ги обесхрабрат криминалците од правење на идни дела, а исто така и да ги предупреди некриминалците да не извршуваат криминални акти. Клучната разлика помеѓу казнувањето на возрасни и малолетни лица е фокусот на рехабилитацијата за малолетните престапници, наспроти казнувањето за возрасните осуденици. Установите за малолетници се раководат комплетно поразлично, со различни видови услуги и поддршка. Малолетниците не се затвораат заедно со возрасните додека не наполнат полнолетство, а ваквата поделба ја поддржува целта на санкциите, односно спречување на идни дела и давање втора шанса на малолетниците за успешна социјална интеграција.

Санкционирањето на малолетниците или деца во судир со закон во С. Македонија, се врши во две категории односно помлад малолетник или дете од 14 до 16 години и постар малолетник од 16 до 18 години. Според Државниот завод за статистика во 2021 година, во споредба со 2020 година, бројот на осудените деца во судир со законот – сторители на кривични дела е зголемен за 9.1%. Во 2021 на вкупно 382 деца на возраст од 14 до 16 години им била изречена дисциплинска, заводска или мерка на засилен надзор, затоа што не смеат да им се изрекуваат воспитни мерки. Додека пак на 289 деца на возраст од 16 до 18 години им била изречена мерка упатување во Воспитно-поправен дом. Најчесто се извршувани кривични дела против имот, против здравјето на луѓето и кривични дела против животот и телото.

Низ светот има поделени мислења за како да се справуваме со малолетничка деликвенција. Одредени правни системи налагаат ВП домови да бидат заедно со „возрасните“ затвори, додека други комплетно ги изолираат. Во нашата држава, располагаме со еден и единствен воспитно-поправен дом кој функционира повеќе од 50 години, но на различни начини. Моменталниот дом во Волковија е изработен според меѓународните стандарди, со простории за потребите на децата, како здравство, образование, понатаму опремени училници, добри соби, спортски игралишта, теретана и сл. Нивните обврски најчесто се ориентирани спрема потребите за одржувањето на домот, учат занаети и се грижат за просторот. Проблемот е во тоа што домот како таков, првично бил лоциран во Тетово, потоа бил дислоциран и мешан со повеќе затвори низ државава како затворот во Прилеп, Велес и Охрид. Во овие затвори се` уште има деца. Некои од децата кои се сместени во ВП Домот, ги имаат поминато сите фази на неговото постоење. Малолетниците поминале низ ужасни услови каде биле соочени и експонирани со останатите затвореници, биле раководени од страна на несоодветен кадар.

Со новиот дом, навидум изгледа како целта да е постигната, но сепак на овие деца се` уште им недостига најосновното, а тоа е образованието. За МИА, директорот на установата споделил дека во домот се спроведувало основно образование, организирано со проект на повторно, организацијата УНДП и Министерството за образование, но договорот завршил. Во ВП домот веќе една година не учат никаков предмет, има деца што не знаат името да си го напишат ниту пак да читаат. Која е целта на овозможување на останатите алатки, ако го изоставуваме круцијалното за нивната интеграција? Дополнително на ова, службите се многу спори во реакциите. Се чека со месеци за дозволи за викенд прошетки, дозволи за посети и слично.

За целиот проблем да биде пострашен, овој воспитно поправен дом е наменет само за машки престапници. А што е со девојчињата во судир со закон? Во државава има три женски малолетнички на кои им е изречена мерка упатување во Воспитно-поправен дом. Тие се приморани да го делат просторот со затвореничките од затворот во Идризово. Овие малолетнички се сместени во соба во ходник и не само што немаат пристап до образование, туку понекогаш немаат струја и вода. Го делат просторот со полнолетни затворенички кои издржуваат казна затвор и не добиваат доволно внимание од воспитувачката која е одговорна за двете категории. Затоа што се сместени во иста установа и го делат дворот со останатите затворенички често се сведоци на тепачки и конфронтации. Иако на девојчињата генерално поретко им се изрекува оваа мерка, не значи дека не треба да постои соодветна установа за издржување на истата.

Затворите за млади е застарен пристап кој кај нас допрва почнува да функционира, а во Европа се повеќе почнува да се заменува со превентивни стратегии и алатки за рехабилитација и помош. Затоа што во нашата држава не располагаме и не мериме многу податоци, можеме да научиме од глобалните наоди. Многу млади имаат потешкотии да се вратат во општеството после затворската казна, особено оние кои доаѓаат од посиромашни области. Деликвентните млади се изложени на висок ризик за проблеми со зрелоста. Некои од причините вклучуваат траума и загуба, ограничена социјална поддршка и ограничен академски успех. Една студија направена од „JAMA Pediatrics“, која опфаќа повеќе од 1.800 луѓе во САД кои биле во малолетнички притвор, кажува многу интересни факти. Истражувачите ги провериле овие индивидуи пет и дванаесет години подоцна. Истражувачите мереле образовни достигнувања, самостоен живот, без криминални активности, без злоупотреба на супстанции, родителска одговорност.

Дванаесет години по притворот, само половина од учесниците имале средно образование или еквивалент. Само една петтина од мажите и една третина од жените работеле со полно работно време или на училиште, покажа студијата. Наодите сугерираат дека за да успеат деликвентните млади мора да добијат помош, не само да се откажат од криминалот, туку да им се даде можност за социјална стабилност и вработување.

Со употреба на затворите, овие објекти ги оттргнуваат младите од училиштата, семејствата и верските заедници каде што можат да ја најдат поддршката и услугите што им се потребни за успех. Наместо да направат одговорни граѓани, младинските затвори ризикуваат системски да ги трауматизираат младите и да ги остават помалку способни да најдат вработување, да имаат здрави односи, да се образуваат и да водат продуктивен живот.

Од анализата на тоа како нашата држава се справува со малолетничката деликвенција, практично ова е тоа. Се сведува на еден Воспитно-поправен дом и многу други деца што ја извршуваат казната додека го делат просторот со други полнолетни затвореници. Во несоодветни простории со несоодветно едуциран кадар за справување со малолетничка деликвенција. Во државава младите ја извршуваат казната и го постигнуваме делот на санкција.. Но што станува со делот за рехабилитација и пост-пеналната помош? Таа треба да започне веднаш штом лицето е затворено следејќи ја програмата за рехабилитација изготвена спрема неговите потреби и ризици. Проценката на ризиците и потребите треба да продолжи во текот на отслужување на казната. Во Националната-стратегија за Развој на пенитенцијарниот систем во Р.С. Македонија подобрувањето на третманот на овие деца е меѓу приоритетите, па останува да видиме во наредните пет години како ќе се пристапува кон овој проблем.

*Кристина Пеева е координатор на дебатна програма при МОФ