Младите имаат желби за промени, ама треба да имаат желба и институциите

Оваа година младите повеќе од кога се соочуваат со промени. Од начинот на кој учат, комуницираат, социјализираат, или начинот на кој работат. Се’ е сменето, а пандемијата ги извади на површина работите што им недостасуваат на младите. Не дека немаат свои идеи и желби за промени во државата, напротив, туку институциите треба да бидат „на иста линија“. Да бидат разбудени и активни, во младите да препознаат партнер, да дадат поддршка за градење на квалитетни младински политики. 

Ова се дел од заклучоците на денешната дискусија на Младински образовен форум – „Замисли си желба за квалитетна младинска политика“, симболично наречена по овогодинешниот Ден на млади, кој се поклопи со денот кога метеорскиот дожд е највидлив. Па, така, млади од разни организации во „Шортбас“ си замислија по некоја желба. Истовремено си ги кажаа проблемите, тековните состојби и упатија критики и забелешки до надлежните, со надеж дека ќе има повратен одговор и соработка.

Борјан Ефтимов, претседател на Универзитетското студентско собрание (УСС) – УКИМ, зборуваше дека ова е прва година како се имплементира Законот за високо образование. Со него се конституираа студентските собранија преку легитимни непосредни избори, но, вели тој, студентските тела „не се паднати од небо“.

„Производ се на долгогодишна борба на претходни генерации студенти по различни основи, која во центарот го имала непостоечкото студентско претставничко тело. Студентите во минатото биле принудени да се организираат на неформален начин, за да ги остварат правата. Имавме први зачетоци на студентско организирање, ‘Слободен индекс’ и ‘Студентски пленум’, од чии активности понатаму произлезе Законот, кој ги воспостави овие претставнички тела“, потенцираше тој.

Според Ефтимов, младите самите се изборија за учество на свои претставници, бидејќи самиот не верува дека институциите никогаш своеволно би ги вклучиле младите.

Студентскиот лидер на УКИМ потенцира дека годинава била тешка и без корона-кризата, бидејќи собранијата почнале „од нула“. Преку формално-правни аспекти, финансиски предизвици, градење доверба меѓу студентите дека телата не се партиска испостава, но се соочиле и со бирократизација.

„Од една страна, бирократскиот начин не’ штити од окупирање на телата од поедини структури или индивидуи, меѓутоа, од друга го отежнува функционирањето. Тоа е некое ‘нужно зло’ кое мораме да го прифатиме ако сакаме да имаме функционални претставнички тела. Од една страна ги имаме и студентите што не се свесни за својата моќ, а од друга ги имаме институциите, кои да бидам искрен, особено МОН, не ја ни препознаваат потребата за вклучување на младите во носење одлуки. За пет месеци ниту еднаш не сме стапиле во контакт со МОН. Како млади нашата задача е да се избориме наредното МОН да не биде како ниедно од претходните“, рече Ефтимов.

Гуѕим Нухиу од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и „МладиХаб“ зборуваше за одливот на мозоци.  И самиот, вели тој, припаѓа на категоријата на млади кога нешто не чини или е фрустрирана вика „еден ден ќе си заминам“.

„Гледав како Меѓународниот ден на младите сме го славеле порано и видов дека голем број на тие луѓе што сме славеле заедно – денес се некаде по светот. Одлучив да ги контактирам и прашам зошто ја напуштија државата. Одговорите се од различни сфери – подобро работно место или економски услови, страв за сексуалната ориентација во државата, пристап до подобро образование… Другар ми кажа дека со партнерката не можат да се убедат да ги растат децата во нашето општество“, рече Нухиу.

Ако некој лично го прашува зошто би бегал, дефинитивно е недостатокот на меритократија во државава (систем на управување каде обврските се доделени врз основа на заслуги по компетитивност и способност) и недостаток на можности што младите ги заслужуваат.

Околу вработувањето на младите и пазарот на трудот, студија на Светски економски форум вели дека за 10 години сегашните работни места ќе бидат целосно променети и ќе требаат дигитални вештини. Истовремено, Нухиу смета дека дигитализацијата во државава се’ уште се избегнува или игнорира.

„Видовме што се случи со онлајн наставата, колку нашите наставници и министерството беа спремни да ја спроведат, а така ќе биде и од септември. Моја желба за оваа ‘нова реалност’ e да има нов бран на дигитализација, особено во училиштата. Повеќе онлајн учебници, ажурирање на предметот информатика со тековните случувања во науката, а не истиот курикулум да се повторува за 20 генерации“, апелираше тој.

Истакнувањето на дигиталните вештини, вели тој, за жал е моментално заглавено во неформалното образование.
„Младите треба да имаат ваква едукација и во школо. И државата, и МОН треба да се фокусира на тоа“.

Надоврзувајќи се на дигитализацијата, Теодора Столевска од МОФ смета дека како општество треба да се стремиме кон тоа и да бидеме во тренд, особено со европските држави. Но, истовремено се соочуваме со поразлична реалност.

„Кај нас има училишта без санитарни јазли, библиотеки, без табли за пишување. Има деца што треба да пешачат два часа на снег за да стигнат до школо. Ова е нашата реалност кога бараме и посакуваме желби. Треба прво да ги посакаме основните работи за младите, па потоа да ја дигнеме дискусијата на повисоко ниво и зборуваме за квалитетот на образованието“, рече таа.

Образованието не ни е приоритет, дополни Столевска, посочувајќи дека недостасуваат анализи и податоци за состојбата од институциите, кои се бавни, па сето ова се рефлектира на многу генерации млади.

„Иако во пандемијата целиот товар за образовниот процес го стававме на професорите, баравме виновник на погрешно место. Ако не ги поддржиме професорите и нема план за спроведување на образованието, нема да ја подобриме состојбата. Примарната улога ја имаат институциите“, потенцираше Столевска.

Околу пасивноста на самите млади, таа доаѓа од тоа што претходно младите не се земани предвид кога се носат одлуки. Според Столевска, не може да се констатира дека младите се целосно пасивни или неактивни, споменувајќи ги студентските протести, иницијативи и сите процеси што беа потегнати од млади луѓе. Не се немотивирани, туку ја гледаат реалноста каде живеат.

„Често гледаат дека ако (проблемот) го симнеме на локално ниво во училиштето, нема слух за нивните потреби. Или во одредени ситуации ученици се казнети кога сакаат да кажат нешто, или сакале да подобрат некакви услови во училиштето. Од друга страна, малку повисоко, локален младински совет е институција која со години се обидува да се издигне во општините, но со години е партизирана, независно од партијата (на власт). Зашто како млад човек би сакал да се вклучам во нешто, кога знам дека партијата го има преземено целосно тоа тело?!. Немам желба“, забележува таа.

За Столевска, на крајот се сведува на фактот дека „во училиштата не ги едуцираме децата да бидат политички проактивни и активни граѓани, туку нашето образование тек сега се реформира“.

„Новите содржини на Граѓанско образование викаат ‘човекот, единката е најзначајна во општеството, таа се наоѓа спроти институцијата’. Претходно, ги учеа децата дека државата е алфа и омега и треба да го слушаат државниот апарат. Институциите треба да направат чекор, да ги повикаат младите, да ги констултираат во процесите, наместо да ги казнуваат доколку некој се активира во школото“, рече Столевска.

Катерина Ивановска од ХЕРА Млади зборуваше за Сеопфатно сексуално образование (ССО). За неа оваа приказна е „неочекувано среќна“, особено откако 86 до 92% од родителите кажаа „ДА“ за воведување ССО во училиштата.

Исто така, меѓу 89-99 % од испитаните наставници се согласија наставните програми да се надополнат со теми за заштита од сексуално насилство, насилство на социјалните мрежи, телесни промени во пубертетот, разликите меѓу половите и родовата рамноправност и карактеристиките на здравите врски.

Во ноември 2019, Владата даде зелено светло за воведување пилот-програма за ССО во четири основни училишта. Сепак, работата беше закочена поради коронавирусот.

„Овие теми ќе ги имплементираме во школите, надежно од 2021 година, бидејќи целата ситуација малку се искомплицира… Бројките од истражувањата пријатно ме изненадија и ми покажаа дека, сепак, младите не секогаш треба да имаат противник во повозрасните, туку некогаш и сојузник. Знаеме дека со институциите низ годините наидувавме на проблеми, затворени врати, а ССО генерално не беше прифатено“, забележа Ивановска.

Според неа, ССО не е институција, не е ниту школо. Туку, вели таа, ССО е наменето „од млади за млади“. Тоа што го добила од нејзините врсници – нема да го добие ниту од институција, ниту од професор. ССО е заложба за колективна одговорност.

Во знак на овој ден, посака желба до институциите, бидејќи младите се соочиле со голем предизвик.

„Се заложивме за пристапна и достапна контрацепција. Но, МОН, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување… сите останаа глуви на нашите препораки и заложби. Затоа сакам денес да се чуе гласот на младите“, рече таа.

За потребата од еколошка едукација на младите и воведување формално образование за климатски промени зборуваше Марија Кекеновска од „Биди Зелен“. Светот моментално се наоѓа во здравствена, економска и еколошка криза, а климатските промени стануваат порадикалним, вели таа, па ќе се одразат врз туризмот, земјоделството и водните ресурси.

„Можно е од аспект на земјоделството да започнат да исчезнуваат сите култури кои денеска ги земаме во секојндневната исхрана. Пример, се предвидува до 2050 година примесот од пченката да биде намален за цели 86%. Тоа е огромен број за 30 години! Затоа мора да почнеме да преземаме мерки кои ќе ги ублажат климатските промени. Во формалното образование да се воведат климатските промени и што е можно повеќе млади да се информираат и мобилизираат, да вршат јавен притисок и врз институциите што ги носат одлуките“, рече Кекеновска

Спомена дека нивната организација врши истражување на книгите, каде климатските промени „се споменуваат многу малку, или вооопшто“.

„Повеќе се зборува за некаква општа екологија, дефиниција или принцип: ‘фрлајте го отпадот или селектирајте пластика’. Исто така, доделивме прашалници на наставници, родители и ученици. Сите не’ наведоа дека учениците се преоптеретени со останатиот материјал, а овие важни теми (за климатски промени н.з.) воопшто не се споменуваат“, рече претставничката од „Биди Зелен“, дополнувајќи дека сакаат да се обратат до институциите и да побараат да се креира меѓусекторска работна група.

Бојан Шашевски