Тестирање на Сеопфатно сексуално образование во четири училишта од 2021

Владата на вчерашната седница ја прифати Информацијата на Министерството за образование и наука за воведување пилот програма за Сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта.

Како што информираа од Владата, две од училиштата каде ќе се тестира програмата ќе бидат во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници.

„Пилотирањето, согласно Акцискиот план е предвидено да отпочне со реализација во 2021 година, откако претходно ќе бидат завршени сите планирани чекори: изработка на материјали за обука на наставниците, обука на наставниците и изработка и пилотирање на инструментите за евалуација на пилот програмата“, соопштија од Владата.

Одлуката ја поздравија од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА, кои велат дека ова е плод од  двегодишната работа на работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата.

„Резултатите од пилот проектот ќе овозможат подготовка на сеопфатен модел и план за воведување на сексуалното образование во училиштата согласно потребите на младите и реформите во образованиот систем. Едвај чекаме!“, додаваат од ХЕРА.