Меѓу 89-99% од наставниците се согласуваат за теми од Сеопфатно сексуално образование

ХЕРА објави истражување за воведување на Сеопфатното сексуално образование (ССО) во училиштата, кое покажуда дека од вкупно 600 наставници од основните училишта во земјава, меѓу 89-99 % се согласуваат дека наставните програми треба да се надополнат со теми од ССО.

Односно, велат од ХЕРА, согласни се дека предложените содржини треба да бидат дел од официјалните наставни планови за темите за заштита од сексуално насилство, вклучувајќи насилство на социјалните мрежи, телесни промени во пубертетот, разликите меѓу половите и родовата рамноправност и карактеристиките на здравите врски.

„Наставниците, а особено наставничките, генерално се свесни за важноста на темите, а сосема задоволителен број од нив покажуваат и подготвеност да бидат вклучени во обука и во реализација на содржините“, соопштува ХЕРА.

На онлјан прашалникот, дистрибуиран со поддршка на Бирото за развој на образование (БРО), одговориле 500 наставници што држат настава на македонски и 100 на албански јазик. Од нив, 76,2 % се жени.

Ова истражување претставува еден вид надоврзување на ланската анкета што ХЕРА ја спроведе меѓу 800 родители на деца на школска возраст.

Таа покажа дека меѓу 82-96 % од родителите се согласуваат дека младите на училиште треба да ги изучуваат сите теми кои се дел од ССО.

„Ова значи дека сме спремни за пилотирање на ССО штом отворат училиштата“, потенцираат од ХЕРА.

Радио МОФ на повеќе пати досега пишуваше дека ССО се’ уште не е воведено во училиштата во земјава, иако експертите одамна потенцираат дека, со ваквото системско решение, младите би добивале точни и научно проверени информации. Би носеле свесни и одговорни одлуки, а притоа ќе исчезнува „провевот“ на дискриминации и стереотипи за сексуалното и репродуктивно здравје. Затоа ХЕРА низ годините спроведе повеќе истражувања и на повеќе пати ја актуелизираа потребата од ССО.

Во ноември 2019, Владата даде зелено светло за воведување пилот-програма за ССО во четири основни училишта. Сепак, работата беше закочена поради коронавирусот.

Претходниот месец од Бирото за развој на образование за Радио МОФ рекоа дека, согласно Акциониот план, предвидено е таа да започне 2020. Тоа, според БРО, би дошло откако ќе се изработат материјалите за обука на наставниците, ќе помине обуката, ќе се изработи и пилотирање на инструментите за евалуација.

Б.Ш.