Потребно е сеопфатно сексуално образование за посовесни и поодговорни одлуки на младите

„Сè уште не е воведено задолжително Сеопфатно сексуално образование (ССО) во училиштата. Постојната програма Основни животни вештини (ОЖВ) опфаќа голем дел од потребните теми, иако не доволно по обем, содржина. Дополнително, фактот дека овој предмет се предава само на класен час и дека наставниците одбираат која тема ќе ја обработуваат, голема е веројатноста темите поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје да не бидат доволно покриени, поради тоа што голем дел од наставниците не се чувствуваат целосно подготвени да работат на вака сензитивна тема“.

Ова е делот на доктор Бранкица Младеновиќ од документотКонсултации за образование за сексуално и репродуктивно здравје“, преку кој се опфатени различни мислења, анализи и искуства од експерти во однос на сексуално образование. Многумина се согласни дека на младите мора да им се обезбеди пристап до информаци за сексуално образование, во согласност со нивната возраст и потреби. Односно, нужно е системско решение за ССО, кое ќе даде на младите точни и потврдени научно докажани информации, за да носат свесни и одговорни одлуки.

Притоа, младите да станат автономни, да не подлежат од околината и да не го прават тоа само затоа што „другите мислат дека е добро“, или да им се развиваат стереотипи од типот „со ХИВ се инфицираат само хомосексуалци и девојки што спиеле со многумина“ или „младите денес имаат интернет и знаат се’ за сексот“. ССО би значело образование за млади, но и со заеднички важна улога на наставниците и родителите, со концепт за почитување на различноста, родовата еднаквост и човековите права.

Досегашните податоци покажуваат дека на секои 36 часа по една малолетничка абортира. Само 13 отсто од учениците учеле за кондом, а 2 отсто за орална контрацепција. Во 2016 година имаше 2 регистрирани случаи кога девојки беа оставени сами на себе да се справуваат со несакана бременост.

Познато е и дека само 1,6 отсто млади до 29 години користат орална контрацепција, а само 12,8 отсто од паровите користат какво било модерно средство за контрацепција. Дополнително, кога збориме за сексуално образование, не може да не се гледа низ призма на низа факти дека тинејџерски абортуси во 2010 година имало 185, а во 2014 година тој број е зголемен на 217. Исто така, кламидијата е во постојан пораст и бројките се загрижувачки – од 0,4 во 2004, стапката на морбидитет пораснала на 29,4 во 2014.

Раководителката на Завод за здравствена заштита на мајки и деца, Бранкица Младеновиќ, наведува дека компликациите поврзани со бременоста се најчестата причина за смртност кај девојки на возраст од 15 до 19 години. Во светот секоја година се раѓаат 14 милиони деца од мајки адолесценти или 10% од сите породувања.

„Во 2015 година, 4,9% од раѓањата во Македонија се од мајки под 19-годишна возраст, додека од вкупно регистрирани 4.587 абортуси, 217 се кај девојки до 20 годишна возраст (4,7%). Во 2015 година во РМ доенечката смртност на доенчиња родени од мајки на возраст под 20 години е два и пол пати поголема од просечната вредност (19,2 на 1.000 живородени, наспроти просечната вредност од 8,6 на 1.000 живородени)“, стои во делот на Младеновиќ во документот.

Во склоп на сексуално однесување, нагласено е и дека се’ повеќе се зголемува и јазот помеѓу почнувањето со сексуалната активност и возраста при раѓањето на првото дете. Во Република Македонија во 2015 година просечната возраст при раѓањето на првото дете изнесуваше 26,6 години, додека во европскиот регион возраста при раѓањето на првото дете најчесто е помеѓу 28-30 години.

ХЕРА и партнерските организации веќе години наназад укажуваат дека недоволен е пристапот до соодветни информации за сексуалното и репродуктивното здравје и за сексуалноста во рамките на постојните наставни програми. Сметаат дека интересот за сексуално образование е присутен, и меѓу учениците, и меѓу наставниците. Но, засега надлежните институции немаат посебен интерес да го прошират моделот на ССО, иако во земјава, меѓу другото, постои тенденција за зголемување сексуално преносливи инфекции кај младата популација, а загрижувачка е и состојбата со насилството и нетолеранцијата.

Драшко Костовски, програмски директор на ХЕРА, потенцира дека врсничкото образование, оставено само на себе, не може да одговори на комплексните глобални текови кои имаат влијание на промената на сексуалното однесување кај младите.

„Мислиме на социјалните медиуми и нивната употреба преку мобилните телефони, сексуализацијата на медиумите, идеалите наметнати преку слики од светот на богатите естрадни ѕвезди и рекламите, популарната култура воопшто, како и лесниот пристап до порнографијата која се заснова на злоупотреба. Тука е и прашањето за момчињата чие вклучување во остварување на подобро сексуално и репродуктивно здравје се уште претставава предизвик. Сексуалноста на лицата со попреченост е не повеќе сокриена тема, па затоа, едно сексуално образование не би било сеопфатно ако тие бидат занемарени. Затоа еден унифициран и системски пристап кој ќе допре до секој млад човек во образовниот систем, но со предвидени мерки да се допре и до оние кои се вон системот, може да биде единствено решение за младите да знаат и да умеат да се снајдат во вртоглавиот проток на информации поврзани со сексуалноста“, нагласува Костовски.

Зборувајќи за популарната култура, проф. д-р Ана Мартиноска објаснува дека таа покрива едно прилично широко подрачје на идеи, перспективи и претстави, создадени под силно влијание на мас-медиумите, а една од нејзините главни карактеристики е нејзината изразена сексуализација. Според Мартиноска, станува збор за исклучително зголемување на дискурсите за сексот и сексуалноста низ сите медиумски форми, и посебно за растечка фреквенција на еротизирани презентации на телото (особено женското) во јавната сфера.

„Објектификацијата на жената, сфатена како нејзино претставување и третирање како (најчесто сексуален) објект, конструирањето на слики за женскоста и машкоста, поттикнувањето на стереотипи и предрасуди, наметнувањето на модни трендови кои ја вкалапуваат убавината во тесни рамки и ред други примери всушност го пресликуваат севкупниот општествен став за ‘природната’ дистинкција меѓу двата рода. Од нашминканите анорексични Барбики и изборите на убавици меѓу малите девојчиња , преку диетите како најмасовна женска невроза и притисокот на жената во западната култура да се прилагоди кон идеализираниот концепт за женската убавина, па сé до хип-хоп спотовите со голи женски гради и задници како главен декор и Кардашијанки како идоли, младите жени ги градат своите убедувања врз основа на културните обрасци кои постојат во општеството и очекуваните родови улоги кои тоа општество ги има за нив. Подеднакво ограничувачки се и сликите за ‘вистинските’ мажи, кои сé уште поддржуваат сосема традиционален тип на машкост“, смета Мартиноска.

Во такви услови, и знаењето за сексот, во услови кога не доаѓа во доволна мера од формалното образование, а за жал најчесто ниту од родителите, вели таа, често се формира токму под влијание на популарната култура.

Александар Штулхофер од Катедрата за социологија, оддел за сексуалност, на Филозофскиот факултет во Загреб, нагласува дека не може секој наставник да учествува во програма за ССО.

„Ефикасните програми се темелат на селектирани наставници со желба и способност да разговараат со млади, но и на нивниот тренинг. Повеќе работи мораат да бидат задоволени, да бидат задоволени условите, па таквата програма да има ефект“, смета тој и, исто како ХЕРА, укажува на позитивните ефекти од ССО со седум главни теми – сексуално и репродуктивно здравје, род, врски и односи, насилство, граѓански аспекти, различност и задоволство.

Тој потенцира дека првите програми за сексуално образование се почнати во 19 век. Во 1954 година во Шведска првпат се сретнува во школите. Во тоа време акцентот бил на информациите. Односно, идејата била „ако им дадеме информации, младите ќе се однесуваат во согласност со она што го слушнале“. Денеска, вели Штулхофер, знаеме дека тоа не е вистина. Со тие информации може да се однесуваат еднакво ризично како и претходно. Во таа смисла, денеска акцентот е на вештините.

„Постои голема разлика помеѓу северните европски земји, кои и историски порано почнаа со сексуална едукација и кои и денеска имаат најсеопфатна програма. Тие постојано се анализираат, надополнуваат… Културата на младите се менува. Програмата што можеби во 90-те била добра, денеска е застарена, па за да има влијание, мора константно да ги следи случувањата кај младите. Ако Хрватска ја споредам со земји како што се Холандија, Финска, Исланд, Норвешка… Хрватска практично заостанува 30-ина години зад овие земји. Ако ги гледам медитеранските земји како Португалија, Италија, тогаш ситуацијата се разликува со онаа на север, а можеби токму таму е Хрватска. Колку што слушнав, Македонија ја следи таа ситуација во Јужна Европа, која треба да се унапреди. На некој начин не кореспондира, не одговара со ситуацијата во која живеат младите“, смета Штулхофер.

Документот ги опфаќа и резултатити од пилот-програми за сексуално образование во основни, но и средни училишта, која ги презентираше доктор Николина Кениг, редовен професор на Институт за психологија. Наодите од евалуацијата, меѓу друтото, индицираат дека и во поглед на информираноста и во однос на сфаќањата за важни аспекти на сексуалноста, со двата модела се постигнати ефекти во очекуваниот правец.

„Ефектите врз ставот, се посилни за учесниците во средните училишта, додека во основните, значителни промени има само кај девојчињата и тоа на половина од вклучените компоненти. Квалитативните податоците добиени во фокус-групите и интервјуата, сугеририраат дека за мнозинството учесници, методот на работа е соодветен. Преференцијата за работилнички пристап во споредба со предавања во кои акцент се става на усвојувањето на знаења, беше особено нагласена меѓу повозрасната група ученици“, стои во делот за наодите од евалуациите.

Исто така, учениците на пониските возрасти сметаат дека би биле послободни доколку обуката ја вршат „лица однадвор“. Генерално, се преферира едукаторите да бидат млади луѓе, но сепак, малку повозрасни од учесниците.

„Наставниците и едукаторите кои беа реализатори на програмата имаат чувство дека нивните напори вределе и дека содржините предизвикале интерес, но и двете групи се согласни во тоа дека за успешно спроведување на ССО, неопходна е претходна темелна обука на реализаторите, подолготрајна поддршка однадвор и широк консензус за бенефициите од овој вид образование“, вели професорката Кениг.

Од Бирото за развој на образованието (БРО) велат дека на нивна иницијатива во основното и во средното образование се воведе програмата Образование за животни вештини (ОЖВ). Наставната програма за ОЖВ се реализира на часот на одделенската, односно класната заедница со учениците од прво до деветто одделение, односно од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование).

„ОЖВ е насочено кон внесување промени во однесувањето преку стекнување определени знаења, ставови и вештини кои им помагаат на младите да изберат и да практикуваат здраво однесување, наместо само да учат што значи тоа. Основната задача на ОЖВ е да го претвори знаењето во однесување, па затоа наставната програма за животни вештини нуди балансиран однос меѓу: знаења и информации, ставови и вредности и вештини. ОЖВ се базира на искуствено учење и партиципативни методи на учење и поучување, што ги прави младите активни учесници во процесот на учењето, наместо да ги третира како пасивни примачи на информации. БРО организираше обуки за реализација на програмата според утврдена методологија и методски прирачник за образование за животни вештини. Во програмата ОЖВ се опфатени и веќе се реализираат содржини и активности за сексуално образование на учениците“, потенцираат од Бирото.

Од таму дополнуваат и дека вршат стручен увид во начинот на планирање и реализација на наставните единици. Во досегашната практика на спроведување на увидите, тврдат од БРО, наставниците и/или учениците немаат иницирано воведување на нов модел на сексуално образование.

„Бирото за развој на образованието внимателно ги следи и податоците од истражувачките студии што се спроведуваат во Македонија кои имаат за цел детектирање на промени/трендови во однос на ризичното однесување на младите и истите ги користи во процесот на креирање соодветни стратегии за здрав животен стил на младите“, велат од  БРО.

Бојан Шашевски