Момчињата во земјава пријавуваат до десет пати повеќе сексуални искуства од девојчињата до својата 15-та година

Сексуалните однесувања во раната адолесценција и семејното насилство се „табу“ теми за кои ретко се разговара со младите. Уште поретко се тие предмет на сеопфатни научни истражувања. Се работи за чувствителни теми кои задираат во приватноста и во правата на детето, што бара стручност, професионалност и етичност при нивното отвaрање и проучување, вели Лина Ќостарова Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција и национален координатор на Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата од Северна Македонија.

Според Ќостарова Унковска, студијата ХБСЦМ ги поставува овие прашања, за да ги поврзе со животните контексти во кои децата растат и учат, откривајќи ги, преку нив, клучните фактори на влијанија за утврдените состојби.

Наодите покажуваат дека културата, родовите норми и очекувања силно влијаат врз однесувањата на младите, како и врз нивното доживување на себе, нивната сексуалност, на родовите идентитети, и на сексуалната ориентација.

Лина Ќостарова Унковска

„Тие го откриваат, на пример, раното и ризично стапување на младите во сексуални односи, при што момчињата на 15 години (38%) пријавуваат и до 10  пати повеќе сексуални искуства од нивните врснички, девојчињата (4%). Ваквата меѓуродова диспропорција е типична за традиционалната култура што ја делиме со повеќе земји од соседството како што се Албанија и Бугарија, но и пошироко, што зборува за т.н. ‘мачо синдром’, кој донекаде ги појаснува големите разлики!“, вели Ќостарова Унковска.

Во поглед на заштитата од несакана бременост и сексуално преносливи болести, вели таа, нашите млади, при последниот сексуален однос, пријавуваат дека користеле заштита (кондом) во 62% случаи, што е блиску до европските просеци. Истовремено, пропорцијата од 14% во употребата на пилули за контрацепција е меѓу пониските во Европа.

„Тоа значи дека повеќе од една третина од 15-годишните млади со сексуални искуства од Македонија не користат никаква заштита при сексуален однос“, потенцира таа.

Ако се проследи трендот на нивните сексуални искуства низ повеќе истражувачки циклуси, се забележува линија на непроменета состојба долж период од 14 години, во споредба со европските просеци кои остваруваат пад на раните сексуални однооси, меѓу младите на 15 години.

„Со други зборови, ништо не се променило во сексуалните навики на нашите адолесценти, вклучително и сликата за себе што тие ја презентираат, следејќи ги пропишаните родови улоги и очекувања. За разлика од нив во многу други земји, сеопфатното сексуално образование, како дел од редовниот школски курикулум им помага на младите да бидат навремено и точно информирани, и да донесуваат здрави одлуки за себе, имајќи ги предвид потребите, предизвиците но, и ризиците поврзани со адолесценцијата. Тоа резултира во многу помали меѓуродови нееднаквости, но и во значаен пад на ‘љубопитството’ и докажувањето на ‘мажествената слика’ за себе, по секоја цена“, забележува координаторката на студијата.

Според неа, традиционалните норми за родовите улоги и очекувања, пропишани за момчињата и девојчињата, се длабоко вкоренети во нашата култура.

„На прашањата поврзани за ставовите на учениците на 15 години, за улогата на мажот и жената во семејството, како и за нивните амбиции и права, тие високо ги застапуваат традиционалните машко / женски улоги, што повлекува цела низа однесувања во согласност со таквите норми и очекувања. Колку е заедницата потрадиционална, толку е и девојчето помалку еднакво и пообесправено во остварување на своите права и можности, под изговорот на грижа и заштита. За разлика од нив момчињата се оптоварени со очекувањата да бидат главни, хранители, заштитници, храбри и бесчуствителни“, потенцира Ќостарова Унковска.

Во просек секое трето, а во многу средини, секое второ момче на 15 години во Македонија, дели мислење дека девојчињата треба да се насочат да бидат добри мајки и сопруги наместо да тераат кариера, односно дека таткото треба да има поголем авторитет од мајката во семејството.

„Уште понеповолно е што во многу средини, е еднакво висока преваленцата на дискриминирачки ставови поддржани и од самите девојчиња. Ова се теми со кои образованието мора да почне да се бави сериозно и систематски, бидејќи родовите нееднаквости се во основата на најголемиот број партнерски и семејни насилства“, забележува Ќостарова Унковска.

Образованието, констатира таа, наместо да направи сериозен исчекор во надминување на родовите нееднаквости, тоа само ги пресликува и негува традиционалните родови поделби и ограничувања, без свест за далекусежните последици на таквите политики и практики по можностите и добросостојбата на младите. Притоа еднакво страдаат момчињата, како и девојчињата, само на родово својствен начин, вели таа.

Кризата го „закочи“ сеопфатното сексуално образование 

Род, сексуално и репродуктивно здравје, граѓански аспекти, задоволство, врски и односи, насилство и различност се седумте компоненти на Сеопфатното сексуално образование (ССО), кое организацијата ХЕРА посочува дека е важно за младите и нивниот развој.

ССО се’ уште не е воведено во училиштата во земјава, иако експертите одамна потенцираат дека, со ваквото системско решение, младите би добивале точни и научно проверени информации. Би носеле свесни и одговорни одлуки, а притоа ќе исчезнува „провевот“ на дискриминации и стереотипи за сексуалното и репродуктивно здравје. Младите би станале автономни, неподлежни на околината и да не го прават „тоа“ само затоа што „другите мислат дека е добро“, или да им се развиваат стереотипи од типот „со ХИВ се инфицираат само хомосексуалци и девојки што спиеле со многумина“ или дека „младите денес имаат интернет и знаат се’ за сексот“.

ССО значи образование за млади, но и заедничка улога на наставниците и родителите, со концепт на почитување на различноста, родовата еднаквост и човековите права.

ХЕРА низ годините спроведе повеќе истражувања за ССО. Откако во ноември 2019 Владата даде зелено светло за воведување пилот-програма за ССО, ХЕРА преку истражување потврди дека и родители кажаа ДА за вакво образование во школите. Исклучително висок процент од родителите, меѓу 82% и 96%, се согласуваат младите да изучуваат теми кои се дел од ССО, според сеопфатниот модел и препораките на УНЕСКО.

Бојан Јовановски

Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, сега вели дека работата со ССО е „закочена“ поради коронавирусот. Според одлуката на Владата, пилот-програмата требаше да стартува во четири основни училишта.

„Практично, изготвивме наставна програма и прирачник за наставници. И, она што со Бирото за развој на образование почнавме од јануари-февруари, е да ги овозможиме првите чекори: избор на училишта, алатки за евалуација на пилот-програмата, обука на наставници, сензибилизирање на локалното население за ССО… Тоа е во Акцискиот план, одобрен од Владата. Меѓутоа, многу од работите се стопирани. Сите институции се погодени од состојбата, а секторот образование, како што знаеме, има голем број предизвици за да овозможи квалитетно образование во кризнава ситуација“, потенцира Јовановски.

Идејата, вели Јовановски, е првично да се опфатат две македонски, едно албанско и едно мешано училиште.

„Веројатно училиштата ќе бидат во Скопје и Тетово, со тоа што во главниот град би било во порурална средина. Целта е да има диверзитет на младата популација, да биде од урбана и рурална средина, но и од мешани етнички заедници“, нагласува тој.

Од Бирото за развој на образованието за Радио МО велат дека, согласно Акцискиот план, предвидено е пилот-програмата да започне 2020 година. Тоа, потенцираат од БРО, би дошло откако ќе се изработат материјалите за обука на наставниците, ќе помине обуката, ќе се изработи и пилотирање на инструментите за евалуација.

Моделот избран од работната група формирана од Бирото, дополнуваат од БРО, предлага најмалку четири училишта кои доброволно би се пријавиле за негова реализација, во деветто одделение.

„Едно училиште со слични карактеристики ќе служи за компарација на резултатите со останатите, а возраста на учениците се однесува на третиот развоен период (од седмо до деветто одделение)“, велат од БРО.

Според Јовановски од ХЕРА, предизвик е методологијата да се спроведува преку класична лице-в-лице едукација, а не на дигитален простор, околност што е отежната поради пандемијата. ХЕРА затоа испратиле писма за да продолжат со работа. Разгледуваат и можности како обуката за наставници да биде дел онлајн, дел практична. Со тоа, вели тој, колку толку се направи некое поместување кон стручната подготовка на училиштата и наставниците за ССО.

„Па, некаде во јануари, ако се’ биде како што треба, наставниците знаењето од обуката да го имплементираат во пилот-училишта. Бараме начини како да ја смениме стратегијата. Како активностите за пилотирање би се одвивале поефикасно, дури и кризата да потрае. Пристапот оди тешко, особено што нема многу искуство и експертиза во дигиталното сексуалното образование. А, дополнителен предизвик е да се обезбеди гаранција за безбедност и приватност на младите на дигитален простор кога се зборува за сексуалноста. ССО се ‘учи’, пред се’, преку отворена интеракција меѓу младите каде се изнесуваат разни ставови и вредности и се доаѓа до заклучоци како да се заштити сопственото здравје, подобро да се осознае родот и како тој влијае на еднаквоста, да се почитуваат различностите, да знаат да идентификуваат и пријават насилство“, констатира извршниот директор на ХЕРА.

ХЕРА наскоро треба да објави и истражување со ставови на наставниците за сеопфатното сексуално образование.

Бојан Шашевски