Младинските работници и официјално ќе можат да се стекнат со звање – се отвораат магистерски студии на УКИМ

Од новата студиска 2023/2024 година за првпат во Македонија се отвораат магистерски студии за младинска работа. Со програмата која ќе се спроведува на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), студентите ќе можат да се стекнат со звањето магистер по младинска работа.

Програмата ќе опфати 4 задолжителни и 8 изборни предмети. Некои од предметите се однесуваат на менаџирање во младинската работа, методологија или начини на изработка на проекти и истражувања, ментално здравје на деца и млади, детски права и застапување, социјална заштита, зајакнување на младите, психосоцијална поддршка и слично.

Младинската работничка Александра Петкова смета дека магистрите по младинска работа ќе бидат професионалците кои ќе го поддржуваат социјалниот и личниот развој на младите.

„Но, исто така навистина е значајно да се истакне дека овие младински работници работат и со најранливите категории на млади, кои понекогаш, малце грубо да не звучи, но тие се исклучени комплетно од општеството. Токму затоа, оваа програма има за цел да ги зајакне капацитетите на младинските работници за да може да спроведуваат квалитетни програми“, рече Петкова.

Раководителката на програмата, професорката Софија Георгиевска, на денешниот промотивен настан истакна дека Институтот за социјална работа и социјална политика во моментов е пионер во оваа област, како и дека Филозофскиот факултет е еден од првите на Балканот кој што отвора акредитирана програма за младинска работа.

Георгиевска посочи дека ѝ е драго што, она што во 2011 година започна да го прави Универзитетот на Југоисточна Европа, сега ќе продолжи, со поголема свест на институциите и со поголема свест на општеството за формализирање на младинскиот работник како професија.

„Меѓутоа, патот не беше така лесен. Се сеќавам дека баш пред да започне ковидот, бевме на студиска посета во Естонија, каде што од експерти кои работат во образованието за младинска работа, од универзитетите во Естонија, во Ирскам, имавме можност да слушнеме како тоа се прави во европските земји и да ги усвоиме добрите европски практики. И навистина, две години макотрпно работевме на имплементирање на оваа програма, која што беше акредитирана и од септември ги очекуваме новите студенти кои што со гордост ќе го носат звањето магистер по младинска работа, меѓутоа и навистина истото ќе можат да го имплементираат во сите релевантни институции“, рече Георгиевска.

фото: Радио МОФ

Драган Атанасов од Сојузот за младинска работа, кои ќе обезбедат практична настава за студентите на програмата, вели дека воспоставувањето магистерски студии за младинска работа е многу значаен чекор во професионализацијата на младинската работа во Македонија.

„За првпат оние кои што професионално работат со млади лица, ќе можат да се стекнат со компетенции преку формално образование, ќе можат да добијат звање младински работник, и потоа да се вработат како младински работници. Значи за првпат ќе бидат препознаени од системот и во тоа сме напред како земја, не само на Балканот, туку и во европски рамки, бидејќи не постојат многу програми за формално образование за младински работници. Ми се чини дека е прва на Балканот која што се отвора и секако прва во Македонија“, рече Атанасов.

Тој се надева дека тоа ќе им овозможи на лицата кои сакаат професионално да работат на поддршка на личниот и автентичниот развој на младите, потоа да најдат вработување во оние институции каде што има потреба од младински работник.

„Останува сега на нас, заедно со поддршка од државните институции да обезбедиме отворање на работни места, таму каде што сметаме дека младински работници треба да се најдат, како на пример образовни установи, локални самоуправи, студентски домови, и така натаму“, рече Атанасов.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев посочи дека со програмата ќе се создадат профили кои и по новиот закон, каде што се вметнати младинските работници, во секоја општина ќе има профили кои ќе работат во центрите и ќе се грижат за младите и развојот на младите во државата.

„Идејата потекна од пред три години, со сите овие законски измени, денеска сме на почетокот, на оној академски дел, иако да кажеме дека колегите работеа и многу поодамна и на законските решенија и на афирмација на младинските работници. Започнуваме од 1 септември со упис на кандидати и очекуваме за една година, за наредната година да ги имаме и првите магистри по младинска работа“, рече Дуев.

Пратеничката и координаторка на Клубот за младински прашања и политики во Собранието Моника Зајкова истакна дека како држава се соочуваме со постојано иселување на младите, и оттука ја поздрави ваквата иницијатива, со која, како што додаде, ќе се даде на значење на младиот човек, во младинското учество, но и на личниот развој на младите луѓе.

„Младинската работа, како дефиниција не е секаде општо прифатена, меѓутоа значи од и за младите луѓе. Ние имаме Закон за младинско учество, но во фаза на изработка е и Законот за младинска работа. Формираме младински центри како држава, со тоа што и со воведување на ваквите студиски програми, ќе го заокружиме оној циклус кој што е наменет исклучиво за младите луѓе и кој што ќе им даде приоритет и поголема видливост што впрочем е и идејата. Затоа што не смееме повеќе да дозволуваме пред очи да ни одат младите и како држава да не правиме ништо по однос на тоа прашање“, смета Зајкова.

Според советникот за млади и младински политики при Владата Ѓорги Тасев иницијативата е чекор напред, но, и како што кажа, претставува обврска за Владата и носителите на одлуки дека токму отворањето на оваа студиска програма значи нови можности за младите, и пред се им се отвора шанса да научат нешто ново, да развијат компетенции и да работат за младите, со цел да се овозможи нивен социјален и општествен развој.

„Како Влада се обврзуваме да продолжиме со развивање на младинската инфраструктура, затоа што е важно да имаме добро развиена и функционална младинска инфраструктура за да можат утре токму овие младински работници да има каде да работат, каде да го покажат својот потенцијал, но и од друга страна да продолжиме да ги развиваме сите оние политики за млади кои што на еден начин ќе значат подобро денес и подобро утро за младите. Дефинитивно, ова како што кажав е поттик за сите носители на одлуки, нема да застанеме овде, одлично е што имаме партнери и во младинските организации, поточно на Сојузот за младинска работа, Клубот за младински прашања, еве сега и Филозофскиот факултет, така што се создава еден добар мозаик на клучни чинители во општеството, кои што дефинитивно има што да покажат и да понудат во иднина“, дециден е Тасев.

Магистерските студии за младинска работа ќе се спроведуваат на Институтот за социјална работа и социјална политика, а во првата година ќе имаат можност да се запишат 25 студенти. Инаку, досега само Универзитетот на Југоисточна Европа нудеше програма која беше поврзана со младинската работа, односно само прв циклус на студии за студентите во Македонија.

Мартин Колоски