Доделени сертификати на 14 младински работници

Сертификати на 14 младински работници за завршена програма за образование на возрасни во согласност со стандардот на занимање „Работник со млади“ денес беа доделени во Агенцијата за млади и спорт.

Ова е прв пат во нашата земја, официјално да се препознаени сертифицирани професионалци според еден од профилите на младинскиот работник, во согласност со Националното портфолио на младински работници.

Сојузот за младинска работа во декември 2020 година започна со спроведување на образовната програма за занимањето Работник со млади, верификувана од страна на Јавната Установа Центар за образование на возрасните во 2019 година.

Оваа четиримесечна обука е првата програма спроведена врз основа на стандардот на занимање Работник со млади, одобрен од Министерство за труд и социјална политика во 2018 година.

„Истовремено, ова е првата формално образовна програма воопшто кај нас за младински работници, кои Законот за младинско учество и младински политики ги дефинира како “квалификувани лица кои поседуваат компетенции за работа со млади луѓе спроведувајќи активности со кои се поддржува нивниот личен и социјален развој преку неформално и информално учење”, објаснуваат од АМС.

Оттаму дополнуваат дека програмата одговара на IV ниво на квалификација според Националната рамка на квалификации, а по нејзиното завршување учесниците се стекнуваат со звањето Работник со млади.

Младинските работници можат да работат во различни работни средини во кои младинската работа може да биде примарна или секундарна дејност, како на пример граѓански организации, младински центри и клубови, младински советувалишта, но и училишта, интернати, единици на локална самоуправа и во други институции и организации.

Во согласност со член 22 од Законот за младинско учество и младински политики, младинските работници се одговорни за работа со млади во младинските центри што треба да се основаат во соработка помеѓу општините и младинските форми на организирање.

Сертификатите свечено ги доделија Наумче Мојсоски, Директор на Агенција за млади и спорт и Ѓорѓи Тасев, Советник на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија за млади и младински политики.