Министерство за правда: Предлог-законот за амнестија за полесни кривични дела е готов

Министерството за правда (МП) вчера соопшти дека предлог-законот за амнестија за полесни кривични дела е готов и дека деновиве се очекува да го разгледаат четирите пратенички групи по што ќе биде процесуиран во Собрание.

Ваквиот предлог на министерот за правда Кренар Лога, како што посочија од Министерството, начелно е прифатен од сите фактори и пратенички групи во земјава.

„Од овој закон корист ќе имаат многу граѓани на кои ќе им се даде дополнителна можност за ресоцијализација. Предлогот доаѓа по успешната амнестија на лицата кои сториле прекршоци за време на Ковид пандемијата“, велат од МП.

Оттаму додаваат дека целта на законот е да нема пренатрупаност во затворите и драстично да се ослободат затворските капацитети, со што, како што додаваат, ќе се создадат оптимални услови за другите затвореници.