„Метаморфозис“: Директно доделување јавни пари во медиумите води кон контрола на медиумите

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ смета дека државната финансиска помош за медиумите не треба да се врши преку директно доделување средства.

„Помошта треба да се доделува преку други начини, како што е намалување на даночните стапки и ослободување од давачки при вработување за новинари и да биде наменета само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми“, велат од „Метаморфозис“.

Од таму посочуваат дека трендот на намалување на рентабилноста, ниски приходи, отпуштање на новинарите и медиумските работници, како и затварање не медиумите во голема мерка ги зафати и конвенционалните печатени и електронски медиуми во Република Северна Македонија.

„Во претходните неколку години се затворија трите најголеми дневни весници во земјата (‘Дневник’, ‘Утрински весник’ и ‘Вест’) и една национална телевизија (‘ТВ Нова’). Гаснењето на овие медиуми не беше резултат само на пазарните услови туку и на управувањето со компаниите за што реагираа и органите на прогонот но и резултат на интензивно политичко мешање во уредувачките политики на медиумите, поради што стотици новинари и медиумски работници останаа без ангажман“, забележуваат од Фондацијата.

Северна Македонија, исто така, велат од таму, изминатите години го привлече светското внимание со „фабриката“ за дезинформации и лажни вести за време на претседателските избори во САД во 2016 година.

Дезинформациите, манипулациите и лажните вести овде не се ништо ново и Фондацијата „Метаморфозис“, потенцираат тие, препознавајќи го овој проблем почна да се занимава со проверка на факти уште во 2011 година преку „Вистиномер.мк“, како и од 2013 година преку Сервисот за проверка на факти во медиумите.

„Но, од 2016 година наваму степенот на манипулации, дезинформации и лажни вести како и бројот на медиуми кои ги објавуваат или пренесуваат истите, се зголеми повеќекратно“, стои меѓу другото во соопштението на „Метаморфозис“.

Директното доделување јавни средства на медиумски куќи, кои во својот состав имаат повеќе медиуми, нагласуваат од Фондацијата, многу лесно може да дојде во конфликт со законски предвидените ограничувања содржани во Законот за контрола на државната помош и Законот за заштита на конкуренцијата.

Поради сето наведено, „Метаморфозис“ смета дека е исклучително важно да се укаже на ризиците и последиците кои што може да произлезат од директно субвенционирање на медиумите со доделување јавни пари.

„Финансиската помош за медиумите не треба да биде преку директно доделување средства. Потребно е да се изнајдат други начини финансиски да им се помогне на медиумите.  Помошта треба да се доделува само за квалитетно професионално новинарство без разлика дали станува збор за печатен, електронски или онлајн медиуми.  Критериумите и етичките стандарди на она што се нарекува професионално новинарство се јасно дефинирани и достапни на јавноста преку Кодексот на новинарите“, соопштува „Метаморфозис“.

Исто така, потенцираат дека државата може да им понуди помош на медиумите преку поттик за вработување на новинари преку ослободување од дел од давачките, намалување на даноци и давачки за медиумски „старт-ап“ бизниси, обезбедување услови за тренинзи и обуки за новинари, субвенции за образување и до-образување на медиумските работници, непарична помош за тимови за проферка на факти во поголемите редакции, олеснување од општините за физички простор и давачки…

„Потенцираме дека е потребна поширока и подолга јавна расправа помеѓу сите засегнати страни пред да се донесе крајното решение за видот и начинот на субвенционирање на медиумите, а решението под ниту еден услов не смее остави простор за влијание врз уредувачката политика и контрола на медиумите“, соопштува „Метаморфозис“.