Меѓаши: Партиите да престанат со политичка злоупотреба на деца

Првата детска амбасада во светот Меѓаши повторно ги повика политичките партии да ги поштедат децата од било какво инволвирање во политичките кампањи и политички маркетинг. Како примери за политичка злоупотреба на деца наведуваат нивно носење на митинзи, облекување во обележја од одредена политичка партија, користење деца за делење флаери, или лепење постери, сликање или користење детски мотиви, фотографирање и снимање видеа со деца, за да се добијат повеќе гласови.

„Како рамноправни граѓани на оваа држава децата имаат право да бидат информирани што се случува во државата, затоа што ова прашање нив директно ги засега и можеби повеќе и од сите нас возрасните, бидејќи иднината на земјава останува на нив. Но, носењето и учеството на деца како декор на настани со партиска позадина и агенда е политичка злоупотреба на деца за партиски цели. Не дозволувајте децата да бидат предмет на манипулација. Покрај тоа, носењето деца на партски митинзи може да биде трауматично искуство за нив, особено поради вообичаениот фолклор: собирање во толпа, викотници, присуство на вооружени полицајци, голем број непознати луѓе одеднаш, говор на омраза, навреди, омаловажување, поттикнување нетрпелиовст“, посочуваат од Меѓаши.

Затоа бараат од политичките партии, кандидатите на локалните избори  за советници и градоначалници, родителите, старателите, да ги почитуват законите и Конвенцијата за детските права.

Со Законот за заштита на децата член 12 став (4)  се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирањеи дејствување. Во 1991 година Собранието на Република Македонија ја донесе Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба во која „се забранува секаков вид политичка присила и организирање на децата како инструмент за политички притисок и злоупотреба и изложување на нивната физичка сигурност и здравје“.