Средношколките Ивана Карова од Кочани и Емилија Манасијева од Гевгелија своите амбиции за општествен активизам ги исполнуваат преку активности на локални младински организации. Ивана е претседателка на кочанската организација „Авангарда“, а Емилија е еден од поактивните членови на гевгелиската „БУМ“, пишува средношколскиот весник Медиум.
Тоа се мали организации кои спроведуваат обуки за младински активизам, локални спортски и хуманитарни настани, а понекогаш учествуваат и во поголеми регионални или национални проекти. Вакви младински здруженија има во повеќе градови низ Македонија. Во нивните активности можат да се вклучат средношколци кои сакаат да бидат општествено ангажирани и активни.
„Отворени сме за сите средношколци, независно од оценките и индивидуалните вештини и способности, и им нудиме можности да се вклучат и учествуваат во активносите на дебатната и правната програма“, изјави средношколата Емилија од организацијата „БУМ“.
Од здружението „Авангарда“ велат дека нивните активности најчесто ги спроведуваат во координација со професорите од кочанските средни училишта. Освен нивните проекти, тие работат и со други организации што го развиваат волонтерскиот дух и воспоставуваат соработка меѓу македонски средношколци и нивни врсници од странство.
„Сум била сведок и учесник во многу покренати иницијати и спроведени акции со кои сме докажале дека ние младите умееме да работиме.“, кажа средношколката Ивана од организацијата „Авангарда“.
Во овие две младински организации ни рекоа дека воопшто не е сложено да се стане нивен член. На пример, за еден средношколец да се зачлени во кочанското здружение, треба да дојде на состанок што се одржува секоја недела и да побара да учествува во предвидените активности. Членството се потврдува со издавање на членска картичка. Од организацијата „Авангарда“ велат дека вклучуваат околу 150 средношколци од Кочани во различни активности, додека 60 средношколци од Гевгелија се активни преку здружението „БУМ“.
Примерот на Ивана и Емилија потврдува дека македонските средношколци имаат потреба да се здружат во посериозна организација на национално ниво којашто ќе биде двигател на младинскиот активизам.
Невидлива средношколска унија
Во Централниот регистар официјално е регистрирана една унија на средношколци во Македонија, но нејзиниот деловен статус не е активен. Не успеавме да го најдеме седиштето на оваа средношколска унија, нејзината веб страница, ниту пак да поразговараме со нејзин претставник. Затоа „Медиум“ почна да истражува по училиштата дали на ниво на државата функционира унија во која се обединети и заеднички дејствуваат средношколци од цела држава.
Средношколците со кои разговаравме не знаеја дали постои средношколска унија.
„Воопшто не сум запознаена. Јас сум матурантка и во овие четири години никој не не информирал, ниту повикал да се приклучиме на некаква унија. Дефинитивно треба да функционира зашто нас средношколците нема кој да не претставува. Се појавуваат само поединци кои изнесуваат парцијални ставови“, вели средношколката Мила Антулевска од скопското училиште „Георги Димитров“.
„Постојат младински движења и клубови, ама не сум запознаен за средношколска унија. Вообичаено целиот гнев за проблемите кои ги имаме во образованието го собираме во себе или го истураме на професорите. Силна средношколска унија ќе има авторитет на групација која ќе може да го застапува гласот на младите и да преговара“, смета средношколецот Бобан Сугарески од гимназијата „Никола Карев“ од Скопје.
„Мислам дека не постои средношколска унија. Без унија многу е потешко да се организираме. Унијата би опфатила поголем број на средношколци и би имале пристап до сите работи кои не засегаат.“, вели средношколката Сара Настја Ристовски од скопската гимназија „Орце Николов“.
Ги прашавме и професорите, но ниту тие не слушнале нивни ученици да членуваат во некоја средношколска унија. Ни објаснија дека постојат заедници на средношколци на ниво на училишта коишто се состануваат најчесто кога се организираат екскурзии, еколошки акции или патрон празник. Дури и во нив не може да пристапат сите ученици, туку само претседателите на класовите или по двајца-тројца претставници од секој клас. На училишно ниво, средношколците можат да се организираат и во младински парламенти, унија на претседатели на класови или да учествуваат во училишните одбори.
На темата средношколско организирање најдовме истражување што било спроведено лани од невладината организација Младински образовен форум (МОФ). Резултатите покажале дека последните активности на унијата на средношколци на Македонија се забележани пред пет години. Од 45-те училишта од десетина градови во земјава, кои биле опфатени со истражувањето, само едно имало претставник во средношколската унија. Испитаните ученици кажале дека не се запознаени со постоењето на Средношколската унија ниту, пак, со некакво средношколско организирање надвор од нивното училиште. Исто така, тие не знаат кои се претставниците на Средношколската унија. Причината за ваквата ситуација ја гледаат во тоа што никој не ги информирал за да можат да покажат интерес, Унијата немала никакви активности и немало отворен избор за претставник од училиштето. „Ваквите податоци водат до констатација дека средношколското организирање на ниво на државата воопшто не постои, што говори и за исклученоста на средношколците од било какви советодавни или процеси на одлучување на државно ниво’, пишува во извештајот.
Според истражувањето на МОФ, одлуката на средношколците дали ќе се приклучат кон некоја акција се сведува на личниот интерес и засегнатост од проблемот, но и на тоа дали ќе потрошат многу време и други ресурси, дали организацијата е добра и дали ќе имаат негативни последици како намалување на оценки и влошување на однос со професори.
Повеќе од сторијата за средношколскиот активизам прочитајте на следниот линк.
Репортер: Александар А. Самарџиски,
дипломиран студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинар во „Нова Македонија“