МЕД ги поддржува еко-измените на Кривичниот законик, но бара дефинирање на поимот „сериозна“ штета

Македонското еколошко друштво (МЕД) излезе со свој став во врска со предложените измени на Кривичниот законик, според кој се предвидени кривични дела против животната средина и природата.

Од МЕД велат дека во изминатиот период во нашата држава се забележани бројни прекрушувања на законите од областа на животната средина и природата. Со тоа, велат тие, е нанесена непоправвлива штета на сите медиуми на животната средина како вода, воздух, почви, растителни и животински ресурси, но и на природата: загадување на вода, воздух и почви со сериозни последици по здравјето и животот на луѓето, бесправно уништување шуми, криволов, незаконски риболов, трговија со заштитени видови, уништување на водотеци, уништување на важни живеалишта со изградба патишта, каменоломи, ископи за песок, итн.

„Сметаме дека основниот проблем за ваквата состојба е слабата имплементација на постоечките закони. Сепак, ги поздравуваме предложените измени на Кривичниот законик кои значат заострување на санкциите за сторителите на кривични дела против животната средина и природата. Истовремено, укажуваме на потребата од дополнително прецизирање на новиот Член 288 (Екоцид), т.е. соодветно дефинирање на терминот ‘сериозна’ штета (Член 130) со цел тој да одразува ‘екоцид’“, соопштува МЕД.

Од таму се надеваат дека предложените измени ќе ја подобрат имплементацијата на Кривичниот законик и законите од областа на животната средина и природата, за што, велат тие, е неопходно зајакнување на капацитетите на правосудниот систем, инспекторатите и другите надлежни институции.

Инаку, според најавените измени за т.н. „екоцид“, за сторителот кој ќе направи долготрајна штета на животната средина ќе се предвидува казна од 10 години до доживотен затвор.

„Тој што спротивно на прописите, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широкораспространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години или со доживотен затвор“, е наведено во новиот Кривичен Законик.

Според Министерството за правда, сега при откривањето и казнувањето ќе биде доволно да се утврди „загадување повеќе од дозволеното“, со што тврдат дека постапката се олеснува.

Во разговор со Локално, од Државниот инспекторат за животна средина рекоа дека  воведувањето на ова дело во КЗ пред се ќе има ефект„од превентивен карактер“.

„ДИЖС учествуваше во работата на Платформата Еколошка правда заедно со МАНУ, МЖСПП, ЗЕЛС, Центарот за правни истражувања и анализи, Министерството за правда, граѓански здруженија итн во рамки на која беа разгледувани и измени во Поглавјето кривични дела против животната средина во рамки на Кривизчниот Законик. Едно од предложените кривични дела е и Екоцид, кој пролетва го усвои и Европската Унија и всушност ова кривично дело е усогласување со претходно кажаното. ДИЖС цени дека воведувањето на ова дело ќе има ефект пред се од превентивен карактер“, рекоа од Инспекторатот.

Кривичниот законик е на ЕНЕР и сите заинтересирани старни може да даваат свои предлози , идеи и сугестии по што ќе се пристапи кон изготвување на конечно законско решение. Се очекува новото законско решение да биде доставено до Влада до крајот на годината.